Доживотен затвор за Љупчо Палевски Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев побара обвинителството во завршните зборови за обвинетите за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Ако Панче е убиен за да му ја земат колата, тогаш зошто е убиена Вања, е прашањето кое си го поставуваше јавноста, а обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска даде одговор дека мотивот и побудите не мора нужно да бидат познати, туку сторителот одговара за дејствијата кои ги преземал и последиците кои ги предизвикал.
Палевски од другите тројца обвинети е посочен како извршител на убиства и главен креатор на настаните, а исказите, според обвинителката, соодејствуваат со доказите.
„Иако ниедна казна не е доволна за семејствата на жртвите, ниту постои санкција што би ги вратила истите, сепак од апспект на специјалното значење сторителите ќе ја добијат соодветната казна за своите дејствија, а од аспект на генералната превенција ќе се испрати порака дека одземање на човечки живот, а особено на живот на дете општеството нема да толерира“, рече Ана Стојковиќ Димитровска.
Во судница од нејзиниот полномошник беа пренесени и зборовите на Зорица Ѓорчевска, мајката на Вања.
„Во текот на процесот беа презентирани низа материјални докази и сведоштва. Секојдневно и насекаде слушаме различни теории на заговор, базирани на наводни политички прогони, местенки и безбројни приговори, но за жал еден факт останува непобитен, Вања ја нема. Ја киднапирале и ја однеле и ја убиле безмилосно на најбрутален начин. Детето мое. Кога ќе слушневме за некој немил настан низ светот на двете мои ќерки им велев дека вакви работи во Македонија кај нас не се случуваат. Далечни ми беа. Но, се случи и токму мене на моето најмило и не смее да се повтори. Ни еден родител не смее да го доживее тоа што јас го доживеав“, порача преку судот Ѓорчевска.
Обвинителството побара казна и за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка. Обвинителката Стојковиќ Димитровска пред судот рече дека и Манев и Видевски во своите искази кажале дека информациите за тоа дека Вања само ќе оди на училиште дента кога ќе биде грабната на Палевски му биле од таткото.
„Не може сите искази одговараат на фактичката состојба и да бидат вистинити за се, а само лажни за улогата на таткото“, додаде обвинителката.
Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ пак смета дека обвинителството немало докази за вмешаноста на Ѓорчевски.
„Јавното обвинителство во завршен збор го потврди она што го знаеме од првиот ден дека немаат каков било доказ за вмешаност и инволвираност на Александар. Немаат било каков доказ за некаква конекција и комуникација со Љупчо Палевски, како што стои во описот на обвинителниот акт“, изјави Туфегџиќ.
Судењето продолжува на 18 јуни со завршни зборови на обвинетите и нивната одбрана.
Марија Митевска