Го оштетиле буџетот за над 90 милиони евра, а од државата нелегално наплатиле 37 милиони евра за поврат на ДДВ. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција денеска брифира дека фирмите поврзани со струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов преку фиктивни фактури наплатиле од државата 1,8 милијарди денари, односно 30 милиони евра, во кеш за поврат на ДДВ и уште 455 милиони денари, односно над 7 милиони евра, преку механизмот на даночни гаранти, односно со пребивање на долгови.
Девет месеци по големата полициска и даночна акција во фирмите поврзани со Крмзов, обвинителството и официјално отвори истрага во веројатно најголемиот случај за финансиски криминал досега. Осомничени се 23 луѓе и 15 фирми кои имале меѓусебни деловни односи.
Се истражуваат 15 фирми поврзани со неформалниот крал на текстилот од Струмица – градежната фирма Крмзов МР, земјоделската Агро-Крмз, бутиците Џокс премиум, Хотелот Вила Парк, транспортната Никфан транс во сопственост на неговата сопруга Марија, фирмите Минтикос текстил, Сакаов транс и Камилком СР на неговите внуци, но и Нетком плус и Дианита во сопственост на негови соработници. Сите овие фирми имале меѓусебни деловни односи.
Замрзнат е нивниот имот, иако голем дел од недвижностите се веќе под хипотека.
Главни осомничени се бизнисменот Ристо Крмзов и неговите внуци од брат и од сестра – Зуле Кармзова Василева и Васе Панајотов, кои се товарат за злосторничко здружување, даночна измама и перење пари. Под истрага се уште 8 сопственици и директори на фирми поврзани со нив. За несовесно работење во службата се осомничени и осуммина вработени во струмичката подружница на УЈП кои замижувале пред лажните документи и четворица овластени сметководители кои ваквите документи ги изготвувале.
Обвинителството вели дека има многу злоупотреби, но за да не го оптоваруваат случајот се фокусирале на тие каде што е направена најголема штета и тие коишто ќе може најлесно да се докажат за во иднина да не се развлекува судењето.
Според нив, 90 отсто од злоупотребите се правени со меѓусебно продавање на деловен простор меѓу фирмите. Еден ист деловен простор бил продаван од една на друга фирма, па од втората на третата и така во круг за суми од 4 до 20 илјади евра по квадратен метар. Кога една фирма купува нешто од друга, треба да го плати ДДВ-то, а првата фирма си бара поврат на ДДВ од УЈП. Трансакциите во овој случај, според истрагата, биле само на хартија, данокот не бил плаќан, а потоа другите фирми си барале поврат на ДДВ од државата којшто се движел од 300 илјади до 2 милиони евра по трансакција. Договорите не биле нотарски заверени зашто просторот бил во фаза на градба и немало имотни листови, туку само лист за предбележување.
Други злоупотреби биле правени со консигнација. За увезената стока се добивал поврат на ДДВ, а потоа таа им била давана на други фирми на консигнација, односно ќе ја платат кога ќе ја продадат. Се испоставило дека тие фирми се фиктивни, односно нивните магацини не постојат, а со тоа и стоката не може да се најде.
Истрагата исто така го сомничи дека продал градежни скелиња како отпадно железо, а ги прикажал како градежен шут.
Крмзов, пак, за КОД тврди дека кај него се е чисто и оти државата му должи нему. Обвинува дека истрага против него е по нарачка на локални моќници поврзани со двете најголеми партии, кои сакаат да му го преземат бизнисот.
Срѓан Стојанчов