Македонската филхармонија ќе биде дел од тројниот оркестар, кој со солистите Ана Дурловски од Македонија, Николас Спанос од Грција и Иво Јорданов од Бугарија, под диригентство на Михалис Оикономоу, во Солун ќе ја изведе кантата „ Кармина Бурана“.
- На 30 јуни Македонската филхармонија со дел од оркестарот ќе настапи во Солун. Заедно со музичарите на Софиската и Солунската филхармонија, уште еднаш ќе биде изведен заедничкиот проект, музичко – сценската кантата „ Кармина Бурана“ од Карл Орф, која премиерно беше изведена во Софија, во февруари, вели Мустафа Имери, директор на Македонската филхармонија.
На 13 овој месец нашата Филхармонија ќе го одржи традиционалниот концерт на отворено, во Градскиот парк. Тој е насловен „ Фантазија“, а вклучува нумери од познатите анимирани филмови во продукција на „ Дизни“: „ Малечката сирена“, „ Убавицата и ѕверот“, „ Херкулес“, „ Покахонтас“, „ Аладин“, „ Книга за џунглата“, „ Снежно кралство“, „ Кралот лав“ и „ Приказна за играчките“.
- Оваа можност да го донесете оркестарот пред широката јавност со неверојатните солисти што ни се придружуваат, е големо задоволство. Зашто, факт е дека сите ние пораснавме со оваа музика. Оваа музика и се обраќа на секоја генерација, кажа Тимоти Редмонд, диригент од Британија.
Како солисти, самостојно и во дует ќе настапат тенорот Денис Димоски, сопранот Биљана Јосифов и бас- баритонот Иван Наумовски.
- Воопшто не се овие песни наивни. Оркестрацијата е фантастична, но за пеење, верувајте не е толку лесно, рече Иван Наумовски бас-баритон.
- Неможев , а да не внесам еден свој дел. Ќе има некои оперски нијанси и финеси во изведбата, кажа Биљана Јосифов, сопран.
Македонската филхармонија ќе ја заврши сезоната со настап на отворањето на 65 „ Охридско лето“ на 12 јули во Античкиот театар. Заедно со оркестарот ќе настапи пијанистката Клер Хуанчи, а ќе диригира Едвин Оутвотер. Двајцата се од САД.
Сотир Трајков