Вести Македонија

Таткото на Вања и кажал да се облече како за планинарење за денот кога групата на Палевски-Палчо го извршиле нечовечното убиство на дете: Завршни зборови на обвинителството

Насилното одземање на основното право на живот, особено кај дете, не е само чин на суровост и бруталност, туку директен напад врз човештвото, посочи обвинителката Жаклина Трајковска во завршниот збор за случајот со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски на денешното рочиште во скопскиот Кривичен суд.

Трајковска посочи дека ваквите злосторства заслужуваат „не само правна, туку и длабока морална осуда“. Мотивирани од ветени високи парични суми, како што наведе таа, обвинетите создале „филмско сценарио, морбиден план“.

-Со изведените докази обвинителството докажа дека обвинетите го сториле кривичните дела што им се ставаат на товар. Поточно, дека обвинетите Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев извршиле две убиства и две грабнувања, додека, Александар Ѓорчевски едно кривично дело грабнување. нагласи обвинителката.

Обвинителката посочи дека осудените не покажале ни најмал знак на човечност при грабнувањето на Вања, иако, како што рече, имаат сопствени деца.

– Ја убиле веднаш. Ни грам совест, ни човечност. Родители се и тие. Убиле невино дете (Вања). По убиството на Панче, никој од обвинетите не реагирал со човечко чувство, рече обвинителката во завршните зборови.

Обвинителството денеска го прецизираше обвинителниот акт во делот на времето во однос на случувањата на настаните. Според обвинителството, 74-годишниот Панче Жежовски од Велес бил убиен околу 11 часот на 23-ти ноември, а 14-годишната Вања Ѓорчевска во време од 8.30-9.30 часот на 27-ми ноември лани.

Таткота на Вања, кој исто така е обвинет, по исчезнувањето на ќерката не се распрашувал за состојбата и каде се наоѓа помалата ќерка Миња, туку тргнал по патеката по која се движеле грабнувачите, но не кажал никому каде оди.

-Вечерта на 26.11.2023 година таткото Александар пратил порака на Вања да се облече слоевито, како за планирање, зашто утредента на 27-ми, ќе било многу студено. Иако училиштето е на само 7 минути од домот на Вања, наведе обвинителката во завршните зборови.

Во завршниот збор, обвинителката ги образложи во детали случувањата за кои стануваше збор и во доказната постапка, а во кои се опишани грабнувањата и убиствата на Вања и Панче. Обвинителството во текот на денешниот ден не успеа да го заврши излагањето на завршните зборови, па ќе продолжи на наредното рочиште, во среда.

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Обвинетите на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни, а првообвинетиот Палевски низ процесот тврдеше дека ова е политички монтиран процес.

Малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски беа пријавени за исчезнати на 27-ми и 24-ти ноември, а на 3-ти декември лани, нивните тела беа пронајдени закопани на локации во близина на Скопје и Велес.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Азир Алиу и официјално ја наследува министерската фотелја на својот доскорешен партиски лидер Таравари

Дејан Дејан

Над 94 милиони евра стекнати спротивно на законот- МВР ја објави кривичната пријава за групата на Крмзов

Дејан Дејан

Политичката реторика е рецепт како може да се убие ентузијазам на оваа група луѓе која стана заедница, Сапорт Кочани не се препознава во говорот на Мицкоски за некрофилија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе