Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит го обвини гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, дека е „слаб“ и дека не преземал ништо за да го запре повеќедневното насилство во Лос Анџелес.
Гевин Њусом не презема ништо додека во Лос Анџелес со денови имаше насилни немири. Насилни радикали и нелегални криминалци, кои вееја странски знамиња, нападнаа федерални полицајци затоа што гувернерот Њусом беше премногу слаб за да го заштити градот, објави Ливит на Икс.
Таа додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп „реагирал за да ги зачува редот и законот и за да ги заштити сојузните згради“.
Претходно, Њусом најави тужба против администрацијата на Трамп за испраќање на Националната гарда во Лос Анџелес без согласност на државата.
Њусом најави дека на суд ќе ја оспори извршната наредба на Трамп со која ја федерализирал калифорниската Национална гарда без да се консултира со државната власт.
Во таа наредба и во документот издаден од Пентагон јасно е наведено дека тие мора да се координираат со гувернерот на државата. Тие никогаш не го направија тоа, посочи Њусом.
Тој наведе дека Трамп е „неодговорен и неморален“ и оти ги загрозува животите.