Стан од 344 квадратни метри на фирмата Би-холдинг, чиј сопственик е Хана Јахоска и со проценета вредност од околу милион евра е гаранцијата во недвижност која Апелација ја прифати и му го укина притворот на Асмир Јахоски, сопственикот на Пуцко Петрол и син на пратеник на ДУИ.
Јахоски е осомничен за перење пари во случајот со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино и дополнително, во судот, депонирал уште 72 милиони денари односно околу 1,17 милиони евра во готовина преку фирмата Пуцко Петрол.
Станот на Партизанаска во Скопје е во сопственост на Би холдинг-, а оваа фирма на сопругата на Јахоски, преку адреса на Партизанска, до центарот Лептокарија, директно е поврзана со Куштрим Смајлај, зетот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
КОД кој беше емитуван на Телма и доби награда за истражувачко новинарство на ЕУ, преклани откри дека фирмата КСА на зетот на Ахмети и Би Холдинг на Јахоски имаат иста адреса. Таа адреса многу личи и на адресата на станот даден за гаранција за да му се укине притворот на Јахоски во денешната анонимизирана одлука на скопската апелација.
- При одлучувањето Судот го имаше предвид претходно прибавениот позитивен предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и мислењето на Вишото јавно обвинителство Скопје да се уважи жалбата на осомничениот, со прифаќање на понудената гаранција – соопшти Апелациониот суд Скопје.
На Јахоски му се определени мерки на претпазливост одземање на пасош и редовно јавување во суд во Скопје.
Јахоски е осомничен во рамки на истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, во која се опфатени и екс директорот на ЕСМ Васко Ковачевски (во бегство), додека во притвор се сопствениците на РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски и поранешниот менаџер за продажба во ЕСМ Адриан Муча- сите осомничени за набавките мазут вредни над 160 милиони евра.
Инаку покрај гаранцијата за излегување од притвор, во рамки на истражната постапка, по барање на обвинителството судот замрзнал и повеќе недвижности на Јахоски кои се во Скопје и во Пласница.
Обвинителството ја отвори истрагата за набавката на мазут по иницијатива на претходниот состав на Антикорупциската комисија. КОД, во последното издание објави дека делови од предметот на ДКСК биле фотографирани и пратени од страна на претседателката на Антикорупциска до екс директорот на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ.
Миомир Серафиновиќ