Вести Македонија Најважни

„Трагедијата можеше да се спречи, сега бараме одговорност“ – родителите на жртвите од Кочани денеска маршираа во Скопје

Без масовност, но со моќни пораки пред институциите. Вака мина денешниот „Марш за ангелите“ на родителите и блиските на загинатите од „дискотеката на смртта“ во Кочани.

Кочанчани го преселија револтот и гневот од нивниот град, во центарот на Скопје пред главните институции. На моменти тишината зборуваше повеќе од било која парола, а фотографиите на загинатите и транспарентите со пораки постојано беа високо во воздух.

Трагедијата можеше да се спречи, ако не задоцнеа институциите. Роднините на жртвите јасно им порачаа на функционерите што мислат за нивната работа.

„Јавно обвинителство дали има еднаш излезено по допрен глас?! – Овој фраер тука, таканаречен јавен обвинител само по партиски потреби, кога седна на оваа фотелја дали презема нешто бидејќи цело време нѐ убедуваа дека правеле криминали и дека неправилно работеле сите?! – Ова, исто така, се однесува и за шизикот Тошковски, двајцата најкриви и најзасегнати за оваа работа“, вели Владимир Апостолов.

Насобраните не се задржаа многу на плоштадот и директно се упатија пред Собранието. Таму повеќемина го пуштија својот глас и порачаа „системот нѝ ги уби децата“.

„Има ли некој да нѝ објасни нешто?! – Каква е оваа држава каде што јас 22 години плаќам данок. Еден денар не сум должен“, реагираше роднина на загинат во пожарот во Кочани.   

„Во името на корупцијата, на митото, на парата, нашите деца настрадаа. Какви лиценци, какви дозволи, какви прегледи се правени?!“, праша еден од нив.

„Гледаше да спаси многу животи, но за жал неговиот не. А, зошто?! – Затоа што беа оставени сами на себе да се борат и да се спасуваат едни со други“, коментираше друг.   

„Освен лагите коишто секојдневно ги измислуваат, ништо друго не добивме“, вели трет.

Роднините на жртвите повикуваа пратениците да дојдат и да се соочат со нив, додека љубопитни административци од собраниската служба ѕирнуваа низ прозорците.

А, потоа пратеници дојдоа лице во лице со ожалостените кочанчани, но само оние од опозицијата. Добија предупредување да не печалат политички поени на оваа, а дадоа ветување дека нема да ја политизираат трагедијата.

Додека кочанчани стоеја пред собраниската зграда, внатре беше во тек седница за интерпелација за работата на министерот за внатрешни работи. Но, наместо јавно пред сите да се соочи со нив, Тошковски ги покани во МВР, за да се сретне со нив зад затворени врати.

 Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Убиени три лица во пукање во шведскиот град Упсала

Дејан Дејан

Здравева: Дамките врз институциите се таложат една врз друга, постои генерална недоверба во институциите на системот

Дејан Дејан

Здравева: Бодувањето на членовите на ДКСК е како превртена пирамида, колку се повисоки на политичките партии, толку се пониски на граѓанското општество

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе