Во oсновниот Кривичен суд во Скопје денеска во 10 часот продолжува судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, со сведочење на обвинетиот Љупчо Палевски кој ќе одговара на вкрстени прашања од Обвинителството и одбраната.
Палевски, кој е еден од главните обвинети во случајот, на претходното рочиште негираше вина и ги оцени доказите против него како манипулативни и нецелосни. Тој тврди дека на денот на убиствата бил зафатен со приватни обврски и партиски состаноци, не бил во контакт со другите обвинети, ниту го возел „цитроенот“ што се спомнува во обвинението.
Адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски, истакна дека постојат значителни несогласувања меѓу доказите и изјавите на Обвинителството, нарекувајќи го денешното сведочење клучно за расветлување на случајот.
Во досегашниот тек на судењето сведочеа сите обвинети, како и таткото на Вања. Велибор Манев тврди дека Палевски бил организаторот, додека други обвинети го негираа учеството или посочија дека имале споредна улога.
Според обвинението, групата планирала киднапирање на 14-годишната Вања за да изнудат откуп од нејзиното семејство, а Панче Жежовски бил грабнат заради возилото што им требало за извршување на злосторството. Телата на двете жртви беа пронајдени на 3 декември 2023 година, неколку дена по нивното исчезнување.