Во Ватикан, но и ширум светот оддекнуваат камбаните. Над 200.000 луѓе присуствуваат на церемонијата на плоштадот пред базиликата Свети Петар во Ватикан по повод погребот на папата Франциск. Потврдена е присутност на околу 50 претседатели, меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп и 10-тина владеачки монарси. Челници на Германија, на Франција, на Велика Британија, на Бразил, на Аргентина, на Украина, на Европската Унија, исто така, допатуваа во Ватикан.
Во Ватикан се наоѓа и македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова.
Ковчегот со папата беше запечатен во петокот вечерта на приватна церемонија што ја водеа осум кардинали. Лицето на папата Франциск беше прекриено со бел свилен вел, a телото испрскано со света вода. Неговите предмети, како медали и кованици кои беа исковани за време на понтификатот, се поставени во внатрешноста. Во ковчегот е поставен и посебен документ, со попис на клучните точки во неговото 12-годишно папство.
Папата Франциск побара да биде закопан во едноставен дрвен ковчег, обложен со цинк, за разлика од неговите претходници кои беа закопани во три меѓусебно поврзани ковчези од храст, чемпрес и олово.