Звукот на камбаните оддекнува низ Ватикан. Светот се прости од папата Франциск кој почина во неделата на 88-годишна возраст. По погребната церемонија во базилката Свети Петар, ковчегот со телото на папата беше пренесен во базиликата Света Марија Маѓоре, каде беше погребан на приватна цереминија.
„Тој е најскромниот човек кој сум го запознала, сум го познавала. Со својата едноставност и начинот на кој беше пастир на целиот народ, особено во Католичката црква, и не само Католичката црква. Тој ги прифати и другите религии“, вели Нилма Навари, верничка од Филипини.
„За мене велам дека е светец, нежен, човек за мир, кој сакаше мир во целиот свет. Толку многу се молевме. Тука сме да му оддадеме почит, затоа што тој секогаш велеше „не заборавајте да се молите за мене“. Така и ние сме тука да му ја дадеме онаа љубов што нѝ ја даде. Тој го направи она што го сакаше Господ, волјата Божја. Сега останува на нас кои сме тука да го прифатиме учењето што нѝ го остави и се надеваме дека Господ го пречекува во рајот“, рече Сестра Кристијана Неенвата, калуѓерка.
Околу 200.000 луѓе се собраа на плоштадот пред базиликата Свети Петар да му оддадат последна почит на папата Франциск. Во дел од просторот и ВИП зона за околу 170 странски делегации, кралски семејства, шефови на влади, претседатели… Меѓу нив и шефицата на македонска држава, Гордана Силјановска Давкова.
На погребот на папата, меѓу другите, пристигнаа и актуелниот и поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп и Џо Бајден, потоа Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претставници на Европската Унија, на Германија, на Украина, на Велика Британија.
„Градете мостови, а не ѕидови“ беше пораката што папата Франциск постојано ја упатуваше до светот во време на разорни војни што се водат во последните години. На неговата посветеност за мир, но и начинот на кој работеше и пристапот кон луѓето, потстети кардиналот Џовани Батиста Ре на проповедта на погребот.
„На овој величенствен плоштад Свети Петар, каде што папата Франциск толку пати служеше Евхаристија и претседаваше со големи собири во изминатите 12 години, ние сме собрани со тажни срца и молитва околу неговите посмртни останки. Сепак, ние сме поткрепени со сигурноста на верата, која нè уверува дека човечкото постоење не завршува во гробот, туку во домот на Отецот, во среќен живот кој нема крај. Искажување на наклонетост на кое бевме сведоци во последните денови по неговото заминување од оваа земја во вечноста нѝ кажува колку длабокиот понтификат на папата Франциск допре до умовите и срцата на луѓето. Последната слика што ја имаме за него, а ќе остане врежана во нашето сеќавање, е онаа од минатата недела, на Велигден, кога папата Франциск, и покрај неговите сериозни здравствени проблеми, сакаше да нѝ го даде својот благослов од балконот на базиликата Свети Петар“, истакна кардинал Џовани Батиста Ре.
Ковчегот со папата беше запечатен во петокот вечерта на приватна церемонија што ја водеа осум кардинали. Лицето на папата Франциск беше прекриено со бел свилен вел, a телото испрскано со света вода. Неговите предмети, како медали и кованици кои беа исковани за време на понтификатот, се поставени во внатрешноста. Во ковчегот е поставен и посебен документ, со попис на клучните точки во неговото 12-годишно папство.
Папата Франциск побара да биде закопан во едноставен дрвен ковчег, обложен со цинк, за разлика од неговите претходници кои беа закопани во три меѓусебно поврзани ковчези од храст, чемпрес и олово.
Погребот на папата се реализира по строги меркина безбедност. Ширум Рим и над италијанската престолнина беа распоредени одбранбени и безбедносни механизми. Меѓу нив и оружје против дронови, небото над Вечниот град беше зона на забранети летови и низ него патролираа само воени авиони. На копно беа распоредени бројни антитерористички единици и единици против саботажа, како и снајперисти. Во близина на базиликата Свети Петар патролираа околу 2.000 полицајци кои имаа поддрша од 400 колеги-сообраќајци чија задача беа движењата на дипломатските конвои.
Сашко Димовски