Претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска денеска не дошла на работа, а нејзините колеги не го коментираат тоа што вчера обвинителството ѝ отвори истрага за оддавање на службена тајна на ексдиректорот на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“.
„Претседателката на Државната комисија денеска е отсутна од работа, а во однос на постапката истата се води пред надлежни органи, согласно закон. Државната комисија за спречување на корупција, во рамки на своите законски надлежности, продолжува да функционира редовно“, информираат од Државната комисија за спречување на корупција ДКСК.
Засега нема најава за оставка. Мерката Забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело што ѝ беше определена, не ја спречува да оди на работа, но целосно ја ограничува во работата со предмети.
„Оваа мерка во конкретниот случај подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, воедно не може да гласа и да распределува предмети“, велат од ОЈО ГОКК.
Дали телефонот на Димитровска крие и други докази, ќе вештачи обвинителството. Телма дознава дека телефонот ѝ е одземен и ќе се екстрахираат податоците од што зависи во која насока ќе продолжи постапката. До доказите поврзани со неа дошле преку вештачењето на телефонот на обвинетиот Стојановиќ.
Обивнителството вчера објави дека Димитровска преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите во „Адитив“, но и податоци за проверка на имот на Стојановиќ и неговото семејство.
Телма лани лето објави дека ДКСК отворила предмет за менаџерските договори на поранешните членови на Управниот одбор на ТЕЦ Неготино, меѓу кои и екс директорот Небојша Стојановиќ. Тие добија отпремнини и нова работна позиција во електрани. Од Антикорупциска ни одговорија дека се уште постапуваат по овој предмет.
Истрагата што вчера Обвинителството ја отвори е поврзана со „Адитив“, каде мегу обвинетите е избеганиот екс директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, но и неговиот наследник Васко Стефанов. Покрај Димитровска, осомничени се уште двајца. На поранешна директрока во ТЕЦ Неготино, исто така, осомничена за оддавање тајна, судот ѝ определи мерки на претпазливост, а вработен во една од фирмите опфатени во „Адитив“ доби 30-дневен притвор.
Елена Ивановска Мукоска