Судија на претходна постапка го прифати барањето на Јавното обвинителство и определи мерка притвор во траење од 30 дена за првоосомничениот во продолжената акција за случајот „Адитив“ додека за претседателката на ДКСК, Татајана Димитровска и уште едно лице определени се мерки за претпазливост. Мерките се донесени по нивно произнесување во судот. Против овие решенија, странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Осомничените се товарат со делата „Злосторничко здружување“, „Злоупотреба на постапка за јавни набавки“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“ како и за делото „Oддавање службена тајна“. За мрежата во која сега се сомничи претседателката на ДКСК, обвинителството поднесе обвинение на крајот на февруари против 31 физичко и пет правни лица во предметот „Адитив“.
Првообвинет за несовесно работење е поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство. Обвинети за неколку кривични дела се и неговиот наследник Васко Стефанов и поранешните директори на РЕК Битола, Пеце Матевски и на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, и поранешните комерцијални директори на ЕСМ, Адријан Муча и Данчо Стојановски.
Според обвинението, во периодот од април во 2023 година до август во 2024 година, со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери, свесно ги повредиле прописите за постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. На фирмата која го добила тендерот ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист од 6,5 милиони евра.