Вести Македонија

„Ало Бушавко“ алармира за повици со самоубиствени мисли

Загрижувачки се податоците за менталното здравје на децата велат операторите на телефонската линија „Ало Бушавко“. Кои алармираат за зголемен број повици и самоубиствени мисли. Страв, вознемиреност, гнев и загриженост за себе се најчестите причини поради кои децата се јавувале.

„Според податоците на годишниот извештај за 2024 година линијата опслужи вкупно 208 повици, помагајќи на 222 деца и млади лица. Според возрасната група најголем број од пријавите биле од деца од седум до девет години“, објасни Ангела Трајкоска, психолог и оператор на линијата „Ало Бушавко“.

„Лани имавме три обиди за самоубиство и добро е што ги решивме позитивно, од кои едниот обид беше со помош од Центрите за социјална работа и тимовите на МВР, кога заедно успеавме да спасиме еден човечки живот, а другите два беа решени само со помош од нашите оператори, а оваа година бројките говорат дека само за неколку месеци имаме пет случаи на самоубиствени мисли“, раскажа Драги Змијанац, директор на првата детска амбасада „Меѓаши“.

Директорот на првата детска амбасада „Меѓаши“ Драги Змијанац остро критикуваше дека институциите не реагираат соодветно, иако биле предупредени за потребата од јасни протоколи за постапување во случаи со самоубиствени мисли. Ги повика Министерствата за образование, здравство и демографија и млади на итна реакција.

„Немаше никаков одзив од институциите, доколку се случи трагедија, а тие не преземат ништо тогаш тие ќе бидат соучесници“, смета Змијанац.

Во „Меѓаши“ добиле повици и по трагедијата во Кочани, главно од луѓе кои барале совет како да им бидат поддршка на блиските на настраданите. Тимот посетил и средно училиште во градот за да даде психосоцијална поддршка.

И покрај три децении постоење, линијата „Ало Бушавко“ сè уште не е дел од мрежата на национални СОС линии, поради, како што велат од „Меѓаши“, системски пречки.

Тие порачаа дека ќе продолжат да се залагаат за побезбеден онлајн простор за секое дете, но порачаа дека оваа борба мора да ја водат сите институции заедно.

 Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Истрага против 49 лица за злопотреби со туѓа нега и инвалидски пензии

Дејан Дејан

Претседателката на ДКСК однесена во Кривичен

Дејан Дејан

Битката со канцер низ солзи раскажана пред камерата на Телма

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе