Понуди 2,15 милиони евра во пари и недвижности, но кривичниот суд одлучи да го остави Асмир Јахоски во притвор во Шутка. Иако и обвинителството ја прифати понудата на Јахоски, па дури и издаде соопштение до јавноста дека истрагате е при крај и сопственикот на Пуцко Петрол и син на пратеник на ДУИ не може да влијае на неа- судот сметаше дека барањето за замена на притвор со мерки на обезбедување е неосновано и не држи за бизнисменот осомничен за перење на пари.
-Судот…, смета дека во овој момент сеуште постојат околностите за постоење на определената мерка притвор од точка 2 од чл. 165 ст.1 од ЗКП односно околности кои укажуваат дека може да ја попречи истрагата со влијание на сведоците како и дека може да сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело, од причина што истражната постапка сеуште е во тек и сеуште се преземаат други истражни дејствија за прибирање докази, соопшти Кривичниот суд Скопје.
А гаранцијата се состоеше во два дела- недвижност во Скопје со вредност од околу милион евра и пари, 72 милиони денари односно околу 1,17 милиони евра депонирани на сметка. Обвинителството сметаше дека гаранцијата е прифатлива и соодветна на штетата за која во моментот се гони Јахоски.
-Во конкретниот предмет, според доказите со кои располага обвинителството, износот од 72.000.000 денари одговара на вкупниот износ на противправно стекнатата имотна корист за овој осомничен од кој во понатамошна постапка би можело да се наплати евентуалното оштетно побарување од него, соопшти ОЈОГОКК.
Но, кривичниот суд не ја прифати условно решено спогодбата на двете страни во истрагата иако за Јахоски може да му се изрече само уште еден месец притвор поради законските одредби.
Јахоски е осомничен во рамки на истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, во која се опфатени и екс директорот на ЕСМ Васко Ковачевски (во бегство), сопствениците на РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, поранешниот менаџер за продажба во ЕСМ Адриан Муча и уште 6 лица кои учествувале во реализацијата на набавките мазут вредни над 160 милиони евра.
КОД на Телма во неколку наврати ги истражуваше матните зделки со мазутот кои кулминираа со истрага отворена по деталните откритија на стариот состав на Антикорупциската комисија.
Дополнително има и истражни активности за еколошките аспекти и штетните по здравје и живот влијанија на опасниот мазут горен во ТЕЦ Неготино и РЕК Битола – преку зделките на Електрани и РКМ.
Миомир Серафиновиќ