Во Министерството за економија се формира комисија која треба да утврди дали, кој и колку лица земале плата, а не оделе на работа, потврди министерот Дурмиши. Ваквата проверка доаѓа по неофицијални информации дека во оваа институција извесен период вработени не доаѓале на работа, а нивни колеги наводно ги пријавувале преку службените картичките како да се таму. Министерот Дурмиши рече дека додека не го види извештајот од комисијата нема да коментира. Но, уверува ако имало такви случаи, веднаш ќе им биде даден отказ.
- „Сега сите на 6 спрат се куцаат за да се гледаат на камери и се гледа кој го злоупотребува своето присуство на работно место, дали се куца за две лица или три и соодветно ќе постапиме со тие вработени кои ја злоупотребуваат оваа работа“, изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.
Инаку вработените во ова министерство, заедно со пазарниот и трудовиот инспекторат, сè уште немаат добиено плата за март. Дали за празникот Велигден овие вработени ќе добијат плата не се знае. Дурмиши тврди дека тоа се случува заради технички проблеми кои настанале поради преземањето на инспекторатите од страна на Економија и се надева дека проблемот брзо ќе биде надминат.
- „Се работи за технички проблеми, но мислам дека денеска тоа ќе се реши во однос на преземање на вработени треба да се спроведе постапката во Агенцијата за вработување“, додава Дурмиши.
Во моментов, министерството за економија е во центарот на истрагата за трагедијата во Кочани, а Пазарен е институцијата од која се бара да се спроведат контроли на територијата на целата држава. Од друга страна, пак, останатите вработени во јавниот сектор земаа мартовска плата, но без покачувањето од 12 отсто кое треба да им биде пресметано според Општиот колективен договор.
Ирена Чачкова