Вести Македонија Најважни

Во џеб ставиле најмалку 47.000 евра – истрага за измами со брзи кредити

Постапка против 43 лица за измама со брзи кредити отвори јавното обвинителство, а истрага за четири лица од нив, меѓу кои и за вработен во Фондот за здравствено осигурување. Од јули во 2022 година започнале измамите, со цел осомничените да си прибават имотна корист од најмалку 47.000 евра. Четворицата осомничени за кои има истрага се сомничат дека вршеле компјутерски измами, фалсификување на исправи и злоупотреба на лични податоци, а останатите 39 за помагање и соизвршителство во секој од случаите поединечно.

„Така, дел од осомничените, спротивно на условите утврдени со закон и без согласност на граѓаните користеле туѓи лични податоци, правеле лажни јавни исправи и преправале вистински јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински. Со внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина различни друштва за „брзи кредити“, како и со фалсификување на електронски потписи, без знаење на оштетените на нивно име земале кредити, создавајќи им обврска на лицата да ги враќаат наводно позајмените средства“, соопштија од обвинителството.

Еден дел од осомничените притоа лажирале податоци и невработени лица ги прикажувале како вработени и кредитоспособни и од кредитните друштва извлекувале пари кои потоа не можеле да се наплатат. Во тоа помагал и вработениот од Фондот за здравствено осигурување, обезбедувајќи им податоци преку својот компјутер од електронскиот систем. А шемата според обвинителството потоа одела вака.

Лажните податоци лицата ги користеле за да подигнат и по неколку кредити од различни друштва во еден ден. Потоа парите ги извлекувале од сметка и во најголем дел ги давале на осомничените организатори. Незаконски во џеб ставиле три милиони денари.

Од Фондот за здравствено осигурување на Македонија, пак, ја изразија својата решителна заложба за нулта толеранција кон какви било облици на криминално однесување, вклучително и во сопствените редови.

„Фондот веќе има преземено серија мерки за зголемување на безбедносните стандарди, со посебен фокус на заштитата на личните податоци и унапредување на ИТ безбедноста. Сигурноста на граѓаните и нивните податоци останува врвен приоритет. Овој изолиран случај нема да влијае врз угледот и професионалноста на институцијата“, соопштија од ФЗОМ. 

Од фондот дадаваат дека и понатаму ќе соработуваат целосно со органите на прогон и ги поддржуваат напорите за целосно разоткривање и санкционирање на сите лица вклучени во овие противправни дејствија.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обвинение за телохранителот на премиерот Мицкоски

Дејан Дејан

Путин најави дека Русија ќе му помогне на Иран

Дејан Дејан

ИНРМ: Глоба од 1.000 до 3.000 евра ако ЕВН не овозможи визуелен пристап до броило

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе