В.Д директорот на специјализираната болница за геријатрија и палијативна медицина, Мухсин Арифи е приведен под сомнение дека зел мито за да хоспитализира пациент заедно со уште едно лице коe посредувалo, дознава Телма. Неофицијално се работи за сума од 20 илјади евра.
- „Во координирана акција на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и МВР приведени се две лица под сомнение за кривични дела примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание. Се постапува за целосно расчистување на настанот“, соопштија од обвинителството.
Од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари чиј член е Арифи ги повикаа надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности поврзани со конкретниот кривично правен настан. Оттаму порачуваат секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничка, верска или политичка припадност.
„Испораката на правда мора да биде неселективна и во согласност со сите уставно-правни механизми и темелни вредности. АА останува силно посветена на борбата против корупција и темелна реформа на државниот систем со цел сите девијантни појави да бидат сведени на минимум. Албанскиот народ не заслужува да го претставуваат лица кои евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат на здравствените маки на граѓаните. Ова е недозволиво и надвор од принципите кои ги застапуваме“, соопштија од партијата.
Од Министерството за здравство соопштија дека се залагаат за што побрзо расчистување на случајот и дека стојат на располагање доколку се потребни какви било информации по службена должност.
„Министерството за здравство стои на располагање доколку се потребни какви било информации по службена должност. Наш приоритет останува обезбедување најсоодветна грижа за сите пациенти во јавните здравствени установи“, велат од министерството.
Од независниот синдикат на геријатрија велат дека корупцијата и земањето не се новина и дека тоа е широко распространето низ целото здравство.
Арифи претходно беше директор на психијатриската болница во Бардовци. На геријатрија се сместуваат и пациенти во термален стадиум на малигна болест, како и пациенти со
хронично прогресивни и трауматски болести.
Марија Митевска