Четворица од повредните во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што беа пратени на лекување во софиската болница „Пирогов“ во Бугарија денеска ќе бидат вратени во Македонија.
Раководството на Клиниката за изгореници и пластична хирургија информираше дека сите се во добра здравствена состојба.
- „Дадени се инструкции за натамошен третман, во тек е лабораториско следење на нивната клиничка состојба, а во зависност од состојбата ќе се проценува евентуална нова хируршка фаза“, изјави директорката Аргирова во изјава за бугарската новинска агенција БТА.
Од болницата „Пирогов“ велат дека кај нив остануваат на лекување уште четворица пациенти.
За пациентите што остануваат на лекување, од прес-центарот на болницата велат дека тие се во тешка, но стабилна состојба и оти се на интензивна нега.
Оттаму додаваат дека во тек се бројни интервенции во насока на нивно заздравување.
Од Министерството за здравство потврдија дека во текот на денот се очекува четворица пациенти да се вратат од лекување од болницата Пирогов во Република Бугарија.
Во болниците во земјава во моментот се хоспитализирани вкупно седум пациенти од повредените лица во трагедијата во Кочани, од кои 4 пациенти се хоспитализирани во Хируршка клиника „Св.Наум Охридски“, 1 пациент на Клиника за токсикологија и двајца пациенти во приватната болница Систина.
Во странски медицински центри остануваат хоспитализирани 64 пациенти.