Одлагаме смет на ѓубришта кои ја загадуваат животната средина. Со години и децении зборуваме за стандардни депонии, но поради недоверба и недоволна информиранoст на населението, овие проекти тешко се реализираат, вели Стевче Стеваноски, градоначалник на Општина Новаци каде треба да се изгради современ центар во кој отпад ќе одлагаат 18 општини од Пелагонискиот и Југозападниот регион. Уверен е дека доколку граѓаните ги имаат сите информации, ќе со согласат за реализација на проектот.
„За брзо време ќе тргнеме во офанзива со експерти кои што на директен начин на граѓаните ова решение кое ќе значи бенефит за целиот регион“, вели Стевче Стевановски, градоначалник на Општина Новаци.
Дека состојбата со одлагање на отпадот во државата е исклучително лоша, забележуваат и европските претставници и укажуваат на потребата од изградба на современ систем за управување со отпад.
„И покрај напорите од наша страна и од страна на другите партнери, видовме многу мало придвижување последниве години. Отпадот во оваа земја, се одлага не само на депониите на организиран начин, туку 30 проценти се расфрла насекаде“, рече Штефан Худолин од Делегацијата на ЕУ во Македонија.
Од Министерството за животна средина велат дека имаме добра регулатива, но доцниме со имплементација на законите. За проектот кој предвидува изградба на современи регионални депонии обезбедени се средства од европските фондови и заем од ЕБОР.
„Ни претстои да почнеме да го воспоставуваме тој систем, да ги воспоставиме структурите на терен кои ќе оперираат во иднина со регионалниот систем за управување со отпад“, рече Ана Каранфилова Мазневска, раководител на Секторот за управување со отпад во МЖСПП.
Дел од битолчани се против изградба на Регионална депонија во Пелагонија и секоја среда протестираат со барање за промена на локацијата. Партнерската конференција на која се дебатираше за итноста од подобрување на системот за управување со отпад во Македонија, се одржа денеска во Скопје, еден ден пред третиот протест закажан за утре во Битола.
Емилија Мисирлиевски