На мастерс тенискиот турнир во Мајами немаше поголеми изненадувања во машка конкуренција. Фаворитите обезбедија место во четвртата рунда. Кај тенисерките, елиминација на третата фаворитка во осминафиналето.
Првиот фаворит на турнирот, Александер Зверев го совлада Џордан Томсон со 7-5 и 6-4 за место во осминафиналето каде ќе се соочи со Артур Филс, кој пак беше подобар од Франсес Тиафо во три сета. Германецот постави и рекорд со најмногу победи на мастерс турнири од почетокот на 2020 година, односно сега има 81 триумф, еден повеќе од Стефанос Циципас.
Третиот носител Тејлор Фриц го победи Денис Шаповалов со 7-5 и 6-3, а од останатите фаворити Каспер Руд го победи Алехандро Табило, а Алекс де Минор во три сета го елиминираше Жоао Фонсека. Пласман во осминафиналето обезбедија и Матео Беретини, Јакум Меншик, Томаш Махач, Адам Волтон и Франциско Серундоло.
На женскиот дел од мастерс турнирот во Мајами, најголемото изненадување го приреди Магда Линет, која во два сета со по 6-4 ја елиминираше третата фаворитка Коко Гоф. Првите две носителки немаа проблеми, па Арина Сабаленка ја победи Даниел Колинс со 6-4 и 6-4, а Ига Швјонтек беше подобра од Елина Свитолина со 7-6 и 6-3. Шестата носителка Јасмин Паолини ја совлада Наоми Осака во три сета, а пласман во четвртфиналето обезбедија и Чинвен Женг, Џесика Пегула, Ема Радукану, како и Александра Еала, која е 140-та на ВТА-листата, но таа без борба влезе меѓу најдобрите осум откако Паула Бадоса се повлече поради повреда.