Вести Македонија Најважни

Уставен Суд по најавите за собраниско „разрешување“на уставни судии: Не постои интерпелација на уставни судии, тоа е упад во независноста на највисокиот суд

Со порака „Секој е должен да го почитува Уставот“, Уставниот суд преку соопштение објаснува и едуцира дека не постои начин за собраниска интерпелација на избраните уставни судии. Разрешувањето го регулира Уставот, а секое спротивно толкување и активности за примена на институтот „интерпелација” за уставни судии претставува упад во самостојноста и независноста на Уставниот суд.

Соопштението на Уставниот суд во продолжение:

По медиумскиот интерес за став од Уставниот суд во врска со т.н. интерпелации на уставни судии, Судот информира:

Уставот на Република Северна Македонија не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија ниту од страна на законодавната, ниту од извршната власт.

Уставниот суд како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста, не подлежи на начелото на поделба на власта. Уставотворецот го поставил Уставниот суд над трите власти затоа што тој е контролор на нивните постапки акти и дејствија.

Самостојноста и независноста на Уставниот суд и уставните судии имаат најсилна уставна гаранција.

Уставот не му дозволува на Собранието на Република Северна Македонија со законски решенија на било кој начин да влијае на надлежностите, начинот на избор, престанокот на функцијата на уставните судии. Овластувањето на Собранието завршува со моментот на избор на уставните судии.

Институтот „интерпелација” предвиден во членот 72 од Уставот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии. Во спротивно, се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот од причина што на тој начин се прави упад во четвртата т.н.уставно-судска власт, во самостојноста и во независноста на Уставниот суд.

Основите за престанок на функцијата уставен судија се предвидени во членот 111 од Уставот. Секоја постапка или дејствие преземено надвор од оваа уставна одредба би претставувало грубо кршење на Уставот, повреда на уставните гаранции за самостојноста и независноста на Уставниот суд.

Уставниот суд укажува, до сите државни органи, дека се должни да се придржуваат на, со Устав утврдените надлежности, бидејќи никој нема повеќе права од оние коишто Уставот му ги доделува. Секој е должен да ја унапредува уставната, правната и политичата култура како основи на едно демкратско општество.

Секој е должен да го почитува Уставот.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Убиени тројца Палестинци во напад на израелските доселеници врз село на Западниот Брег

Дејан Дејан

Западниот Балкан останува во геополитичкиот интерес на ЕУ

Дејан Дејан

Арсовска поднесе пријава за 20 дивоградби во Чаир

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе