Нов случај на корупција во Брисел, во центарот е кинескиот технолошки гигант Хуавеи. Белгиската полиција претпладнево изврши претрес на домови на негови лобисти, откриваат „Follow the money“ и неговите медиски партнери „Ле Соар“ и „Кнак“. Рацијата е дел од тајна полициска истрага што започнала пред, отприлика, две години по дојава од тајната служба на Белгија.
Властите се сомневаат дека лобисти на Хуавеи подмитувале пратеници во Европскиот парламент во замена за поддршка на нивните цели во Европската Унија. На „радар“ на истрагата се околу 15 актуелни и поранешни европратеници. За актуелните пратеници, белгиските обвинители ќе мора да побараат укинување на нивниот имунитет од Европскиот парламент за да можат да продолжат да ги истражуваат.
Како што пишува „Follow the money“, еден од главните осомничени во истрагата за корупција со кодно име „Генерација“ е 41-годишниот Валерио Отати. Белгиско-иатлијанскиот лобист се придружил на Хуавеи во 2019 година, кога компанијата почна да го засилува своето лобирање, соочена со притисокот од САД врз европските земји да престанат да ја купуваат нејзината 5Г опрема.
Белгиската полиција во раните утрински часови направи претрес во канцеларијата на Хуавеи во Европската Унија и во домови на лобистите поради сомневања за корупција, фалсификат, перење пари и криминално здружување, изјави луѓе блиски на истрагата за „Follow the money“ и неговите медиски партнери „Ле Соар“ и „Кнак“.
Претреси се извршени на вкупно 21 локација во Брисел, во Фландрија, во Валонија и во Португалија, како дел од обемната истрага за корупција. Запленети се документи и предмети, но не се извршени претреси во Европскиот парламент.