Мислеле дека ќе грабнат жена на возраст од 38 до 40 години, а не 14-годишната Вања Ѓорчевска. Ова денеска пред судот го сведочеше обвинетиот Велибор Манев кој рече дека најпрвин требало да грабнат ќерка на пензиониран скопски бизнисмен, а потоа ќерка на друг бизнисмен од истата зграда каде живееше девојчето на Наум Наумовски Борче во Дебар маало.
Според Манев, организаторот Љупчо Палевски Палчо десетина дена претходно ја следел жената и им покажал слики од неа за да знаат кого да грабнат.
Палевски има кажал и дека од дома ќе излезе во 7:20 часот. Видевски го чекал девојчето пред лифтот и ставил селотејп на устата, а потоа со Манев ја врзале и ставиле во вреќата за спиење.
- „Според сликите што ни ги кажуваше и ни ги даваше да ги гледаме на телефон личноста беше идентична и во таа темна просторија колку што можевме да приметиме беше таа што ја покажуваше,“ рече Велибор Манев.
Инаку фирмата на Палевски ја гради зградата и ги продава становите на повеќето кои живеат во неа. Обвинетите потоа со „Цитроенот“ на Жежовски се упатуваат во местото Дупки, а по пат им се придружил со „Реното кангу“ и Палевски.
Манев сфатил дека се работи за девојче, кога го отвориле гепекот и Палевски ја распрашувал која е и кои и се родители.
- „Јас и Кешишев бевме блиску до Палевски и му рековме ова е некоја грешка. Треба да ја пуштиме. Под маски сме и не нема никој видено да ја ослободиме. Палевски почна да кажува да прекинам, дека ништо не разбирам, дека се е таман. Се било чисто. Нема што да се бере гајле,“ рече Велибор Манев.
Палевски извадил лопата, ашов и копач од реното и им ги дал и наредил да ја ископаат дупката каде подоцна ќе го закопаат девојчето. Првично Палевски им ветил по 150 илјади евра за грабнување на жената. За потоа откако виделе дека е грабнато девојче им рекол дека сумата ќе биде помала.
По убиството во близина на селото Глуво на една од нивните Палевски го запалил „Цитроенот“ по што со „Реното кангу“ се упатиле накај седиштето на Десна.
Манев потврди дека на снимките од Сејф сити изведени на претходните рочишта на совозачкото седиште седи тој, а дека возилото го управува Палевски. Манев ја потврди и автентичноста на сите други видео снимки од Сејф сити.
Жежовски, според Манев, бил избран бидејќи му должел 1.500 евра и за неговиот „Цитроен“ да се искористи за другото грабнување.
Кога Манев го прашал Палевски зошто го убил велешанецот добил одговор дека така е почисто нема за што да се грижи. Но кога Манев му рекол дека не сака да продолжи Палевски му рекол да не расипуваат пријателство и дека има убава фамилија. Дупката каде ќе биде закопан Жежовски обвинетите ја ископале година дена претходно.
Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски кој е обвинет дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка Манев рече дека не го знае. Еден од инспекторите кога бил приведен му покажал слика од него и му кажал дека е таткото на девојчето. Манев тврди и дека не го слушнал Палевски да разговара со Ѓорчевски.
Но, во неговиот исказ пред обвинителството кој се читаше на судењето навел дека од Кешишев слушал дека Палевски вечерта пред грабнувањето разговарал со Ѓорчевски.
Иако, Манев напоменува и дека Палевски никогаш не го изговарал името на соговорникот за време на телефонските разговори.
Марија Митевска