На денешното рочиште сведочи обвинетиот Велибор Манев, кој раскажуваше што се случувало пред грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Според него, Жежовски бил избран да биде грабнат, бидејќи му должел пари на Манев и за да се искористи неговиот Цитроен во другото грабнување.
Веднаш по грабнувањето, Жежовски бил убиен од Палевски, а како што рече Манев, кога го прашал „зошто го направил тоа“, Палевски му одговорил „вака е почисто, нема за што да се секираш“.
Манев му рекол дека не сака вака да продолжи, затоа што такво нешто не помислил да направи. Палевски му рекол „да не расипуваме пријателство, имаш убава фамилија“.
За второто грабнување, Палевски имал неколку личности кои што сметал дека треба да се грабнат. Првата личност била ќерка на пензиониран скопски бизнисмен кој живее во истата зграда од која беше грабната Ѓорчевска, а потоа Палевски им рекол дека ќе грабнат од 38 до 40-годишна жена од богато семејство.
На критичниот ден, Манев и Видевски чекале во влезот на зградата се до 7:20 часот, кога Видевски го грабнал девојчето, а потоа Манев кој чекал на скалите пред лифтот, ја врзал и ја однеле во Цитроенот кој бил паркиран пред зградата.
Тоа значи дека, според сведочењето на Манев, девојчето не требало да биде грабнато, иако според фотографиите што им ги покажувал Палевски, лицето што требале да го грабнат било идентично со девојчето, иако бвило темно во влезот.
Судијата даде пауза, затоа што му се слоши на Александар Ѓорчевски, таткото на Вања кој, исто така, е обвинет во случајот.
Марија Митевска