Вести Македонија Најважни

Кој го пушти Јахоски во домашен притвор – различни соопштенија од судот и обвинителството

Asmir Jahoski Pucko Petrol

Пратеничкото влијание на таткото Исмаил Јахоски од ДУИ, блискоста на обвинителот за гонење организиран криминал Ислам Абази со лидерот на ДУИ Али Ахмети или нешто трето го спасија сопственикот на Пуцко Петрол Асмир Јахоски од притвор?

Судот и Обвинителството си ја префрлаат топката кој е одговорен што Јахоски, за разлика од другите осомничени за тендерите за мазут за ТЕЦ Неготино за кои обвинителството побара притвор, наместо во Шутка, заврши во домашен притвор.

Обвинителството вчера соопшти дека побарало притвор за Асмир Јахоски, но судот му определи домашен притвор. Судот синоќа информира дека Јавниот обвинител се согласил за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што било прифатено од Судијата на претходна постапка. Обвинителството, пак, денеска вели тие си барале притвор, но судот не прифатил.

„Судијата на претходна постапка не прифаќајќи го предлогот на обвинителството одлучил на осомничениот да му изрече мерка куќен притвор, а воедно оценил дека се исполнети условите да му биде изречена и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа“, соопшти денеска Обвинителството.

Премиерот Христијан Мицкоски, без да го спомене по име, денеска алудираше дека улога одиграл токму шефот на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази.

„За мене се алармантни информациите коишто ги добивам, коишто се поврзани со однесувањето на прв човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата којашто ја спроведуваше МВР и БЈБ пред два дена. Навистина сум шокиран како се однесувал тој човек и како продолжува да се однесува. На нив не им е местото таму. Ако сакаат да бидат дворско-партиски забавувачи, тогаш нивното место не е во Обвинителството, туку во оние големи хациенди коишто се изградени во Западна Македонија, но доколку сакаат навистина да имплементираат правдина, тогаш треба да го сменат своето однесување. Но, тоа што го слушнав како тој човек се однесувал, мислам дека многу скоро од денеска ќе се кае, но тогаш се плашам ќе му биде доцна“, изјави Мицкоски.

Ислам Абази беше избран за шеф на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во 2022 година. Сомнежите за негова блискост со раководството на ДУИ ги подгреаја фотографиите на Абази со неговиот соселанец Али Ахмети од Зајас, како и со други функционери на ДУИ.

Обвинителството вчера соопшти дека ќе побара притвор за петмина осомничени за спорните набавки на мазут за ТЕЦ Неготино, од кои поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски е во бегство.

Од останатите четворица, тројца завршија во Шутка – сопствениците на РКМ Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и поранешниот секторски директор во ЕСМ Ардијан Муча, а Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски од ДУИ доби домашен притвор.

Истрага за тендерите за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино од 2021 до 2023 во вредност од 167 милиони евра беше отворена против 13 лица и една фирма.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израел се заканува со еднострани мерки при признавање на палестинска држава

Дејан Дејан

Скопје и Скопскиот регион зафатени со врнежи од дожд и засилен западен ветер

Дејан Дејан

Трамп го повика Киев да преговара со Моксва за прекин на огнот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе