Недоследно спроведување на надлежностите, негрижа, уривање на угледот на судиите, загрозување и нарушување на довербата на граѓаните кон судството, а со тоа и на целиот правосуден систем и партиска пристрасност. Со овие аргументи, мнозинството пратеници попладнево им изгласаа недоверба на петмината членови во Судскиот совет, избрани од Собранието, Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Тања Чачарова-Илиевска, Миљазим Мустафа и Селим Адеми. Најавија и рестартирање на судскиот систем на повеќе нивоа.
Зборувајќи за поврзаноста на дел од судиите со претходната власт и нивната пристрасност, пратениците рекоа дека, „Тања Чачорова-Илиевска е дел од правниот тим на Социјалдемократите, му била советничка на екс-премиерот Зоран Заев, а неколкупати донирала и пари во СДСМ“. За Павлина Црвенковска, пак, аргументираа дека дека „е длабоко вкоренета во партиските структури откако во минатото била шеф на кабинет на поранешниот премиер Владо Бучковски, кој беше и претседател на СДСМ“.
Пратениците од опозициската СДСМ одбија да дебатираат и ја напуштија седницата откако координаторот го изнесе нивниот став дека со интерпелациите се урива уставниот поредок на државата.
Од ДУИ, пак, најавија дека и тие наскоро ќе поднесат интерпелации за судии, но во Уставниот суд.
Изгласаната интерпелација не е обврзувачка, не значи дека судиите мора да си заминат од функциите, но значи дека органот што ги назначил повеќе не им верува, па се повикуваат на морална одговорност, односно самите да си поднесат оставки.
Далиборка Демјанска Цветановска
Поминаа петте интерпелации за членовите на Судски совет во Собранието