Единаесет лица се приведени, меѓу кои и сопственикот на РКМ, Ратко Капушевски и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски за сомнителни набавки на деривати. Освен приведените во кривичната пријава е опфатен и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство и се бара со меѓународна потерница за случајот Адитив. Опфатен е и уште еден поранешен директор на ЕСМ, Адријан Муча кој е во притвор за истиот случај. Предмет на истрага е и фирмата РКМ како и Ерџан Сулкоски, кој од поранешен вработен во Пуцко Петрол стана еден од нејзините сопственици заедно со Капушевски. Претреси се извршени на повеќе локации во Скопје, Битола и Кичево.
„Во рамки на акцијата лишени од слобода се 11 лица, едно лице е недостапно за органите на прогонот и едно е со мерка притвор. До сега, од извршените претреси пронајдени и одземени се документација, пет мобилни телефонски апарати, околу 1500 парчиња муниција од различен калибар, два пиштоли и три патнички моторни возила“, соопштија од МВР.
Кривичната пријава против вкупно 13 физички лица и фирмата РКМ е поднесена за злоупотреба на службена положба и овластување и за перење пари. Истрагата е насочена во три правци, првата е начинот на добивањето на јавните повици за набавка на мазут, распишани од ЕСМ, преку честото менување на тендерските услови за да се фаворизира понудувачот РКМ.
Се истражува и начинот на складирање, начинот на испорака и злоупотреби при овие фази од набавката на мазутот која беше во висина од повеќе десетици милиони евра. Овие наводи беа дел од новинарските истражувања на емисијата КОД на Телма за одвивање на јавните повици, како се пријавувале складишта кои не ги исполнувале условите распишани со јавниот повик.
КОД го откри и прикажа начинот на формирање на високата цена на транспорт на мазутот кој се плаќа исто така од буџетот, но и таканаречените полноќни испораки на мазут во ТЕЦ Неготино.
Цистерните мазут доаѓаа пред ТЕЦ во тек на попладне или навечер, најчесто во деновите кога цената на мазут се качуваше од Регулаторната комисија и потоа чекаа полноќ за да влезат во кругот на централата и да го источат дериватот по поскапа цена.
Вториот правец на истрагата е проверката како за јавниот повик е добиена банкарската гаранција за РКМ затоа што таа фирма немала доволен финансиски капацитет и не прикажувала високи приходи. Третиот правец на истрагата е утврдување каков квалитет бил мазутот кој се увезувал и дали ги задоволувал еколошките критериуми. Постојат сомнежи за големо влијание врз животната средина и здравјето на луѓето бидејќи на почетокот на рестартирањето на ТЕЦ Неготино за да произведува струја од мазут, имаше случаи кога филтрите на погонот се заглавувале од валкан мазут. Дополнително се истражува дали цистерните испорачувале само мазут или биле дополнувани со вода после што не биле проверувани. Со истрагата се опфатени и неколку возачи.
Марија Митевска