На Венециското биенале на архитектурата, што по 19 пат ќе се одржи од 10 мај до 23 ноември, Македонија ќе учествува со проектот „Бруталистичка улица“, кој го реинтерпретира архитектонското наследство на постземјотресно Скопје. Проектот има документарно-истражувачки, критичко-рефлексивен и уметнички, креативен карактер, кажаа од жири комисијата која одлучуваше за учеството на овој единствен пријавен проект за Венециското биенале.
За негова реализација се издвоени околу 57.000 евра, а за претставувањето во престижниот изложбен простор „Арсенале“, каде се враќаме по 7 години, се издвоени 45.000 евра. На проектот работеше тим од четворица архитекти и двајца соработници, меѓу кои е и Благоја Бајковски, кој воедно е и куратор на проектот. Темата на биеналето годинава е интелигенцијата – природна, вештачка, колективна.
„Ја поставува во фокус бруталистичката архитектура на Скопје, која што е еден уникатен и парадигматичен слој од постземјотресната историја на градот. „Страда бруталисима“ не пристапува кон овој слој како носталгичен омаж на минатото, туку како еден динамичен извор на знаење, кое може да биде вткаено во современата архитектонска дисциплина“, рече Благоја Бајковски, коавтор и куратор на проектот „Бруталистичка улица“.
„Предмет на истражување на проектот се овие капитални дела на македонската модерна архитектура од постземјотресната обнова на Скопје. И проектот ни нуди едно ново читање. Се врзува со темата која што е наречена интелигенција, како што веќе слушнавте“, рече Јован Ивановски, член на жири комисијата.
„Македонскиот национален павиљон на годинашното биенале на архитектурата во Венеција, по 7 години, ќе потенцирам, значи бил претходно, но по пауза од 7 години повторно ќе биде сместен во еден од најпрестижните и најзначајни изложбени простори – „Арсенале“. Ова е исклучително важен момент за сите нас, бидејќи покрај Џардини, „Арсенале“ е епицентар на биеналето. Оваа 2025 година покрај земјата домакин, Италија, оваа чест ќе ја имаат само 20-тина држави во светот“, кажа Зоран Љутков, министер за култура и туризам.