Вести Македонија Најважни

Родители на Фросина денеска во Обвинителство треба да извршат увид во предметот против Васил Јованов

Родителите на 22 годишната Фросина Кулакова денеска во скопското обвинителство треба да извршат увид во предметот против Васил Јованов, возачот кој ја прегази нивната ќерка на булеварот Партизански одреди. Целта е да се запознаат со текот на истрагата и сознанијата на институцијата за сообраќајната несреќа, откако таткото на девојчето Тодор Кулаков изјави дека обвинителот по три часа се појавил на лице место.

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, претходно изјави дека Јованов ќе остане во притвор до крај, бидејќи се работи за кривично дело сторено со умисла.  Според него, казната треба да има одредена цел и влијание и обвинителството ќе ги преземе сите дејствија за обезбедување на цврсти докази.

Комисија на Судскиот совет пак ќе изврши увид во пресудата против 20 годишниот Јованов, а потоа ќе направи извештај дали имало пропуст. Јованов е осуден на воспитна мерка за поседување и продавање марихуана и кокаин. Јавноста реагираше дека казната да оди во воспитен дом во Тетово најмалку 6 месеци до максимум 5 години е преблага. Во меѓувреме Јованов се жалел на Апелација, а претседателот на Судски совет, Александар Камобовски изјави дека токму поради тоа комисијата мора да биде внимателна во постапувањето за да не се сфати дека врши притисок во одлучувањето на повисокиот суд.

Од Здружението на судии денеска повторно изразија жалење за загубата на животот на Кулакова, но и загриженост за фактот што поедини судии се дискредитираат во јавноста, без притоа да се почитуваат принципите на правна сигурност и пресумпцијата на невиност.

„Јавната осуда на судија не смее да биде иницирана и поткрепена од непотврдени шпекулации, односно без претходно да биде утврдена личната и професионална одговорност на судијата во конкретен случај. Повикуваме на внимателен и одговорен пристап од сите општествени гласноговорници во носењето на вакви одлуки, со цел да се зачува независноста на судската власт и да се избегнат непотребни политички или јавни притисоци врз носителите на правосудните функции. Вината за системските проблеми во сообраќајот не може да се припише на судството, бидејќи сообраќајните несреќи се комплексен општествен проблем поврзан со инфраструктурата, превенцијата и свеста на учесниците во сообраќајот“ изјавија од Здружение на судии.

Во Апелација предметот стасал во ноември и тече жалбена постапка.  Судијката Даниела Алексовска Стојановска во пресудата напишала дека на Јованов како на помлад полнолетник му дава можност, воочената и направената грешка да ја отстрани без потешки последици за него.

Марија Митевска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сончево со умерена локална облачност и ветровито – Временска прогноза за 21.6.2025

Дејан Дејан

Хезболах со порака: Не сме неутрални, стоиме зад Иран

Дејан Дејан

Завршни зборови на обвинетите за убиствата на Вања и Панче

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе