Кина одлучи да одговори на дополнителните 10 проценти царини за кинески производи со серија чекори. Од воведување 15 проценти царини за увозот на американски јаглен и природен гас, преку 10 проценти царини за сурова нафта, земјоделска машинерија, камионети и автомобили со голема моторна зафатнина, до отворање анти монополска истрага за Гугл.
Покрај тоа, Пекинг одлучи да воведе дополнителни контроли за увоз на 25 видови на ретки метали, и ја стави ПВХ Корп, компанијата која ги поседува Калвин Клајн и биотехнолошката компанија Илумина на својата листа на „неверодостојни субјекти“.
Сите овие мерки на Пекинг стапуваат на сила на 10 фебруари, оставајќи доволно простор да произлезе некаков договор од планираниот за оваа недела разговор меѓу претседателите Си и Трамп.
Овој потег на Кина доаѓа веднаш по суспендирањето на царините, кои Трамп ги воведе за Канада и Мексико, откако Вашингтон започна преговори со двете држави. Иако Трамп уште на инаугурацијата најави дека царините ќе бидат неговата најкористена алатка, сигналите кои Пекинг ги испраќаше повикуваа на трпение и разговори. Воведувањето царини како одговор на претходните американски може да претставува и преговарачка тактика пред разговорот меѓу Трамп и Си.
Двете земји, кои во исто време си се и најголеми економски ривали но и најголеми трговски партнери една на друга, се затегнати долго време, уште пред првата администрација на Трамп.
Но, тие тензии во односите се качија за неколку нивоа за време на првиот мандат на Трамп, кој започна еден вид на трговска војна против Пекинг, а таа американска политика кон Кина беше продолжена, па дури и продлабочена од неговиот наследник и претходник Џо Бајден.
Бајден и неговата администрација во своите мерки против Кина се насочија кон ограничување на нејзиниот пристап до секторите на високата технологија, како полупроводници, електрични возила и вештачка интелигенција, со очигледна намера да се отежни па и спречи кинескиот напредок во секторите кои експертите очекуваат во догледна иднина да станат најважни за глобалната економија.