Вести Македонија Најважни

Под истрага се 14 лица – во Скопје и Гевгелија одземени пари, дрога и оружје на криминална група

Приведувања, претреси и одземени докази за вештачење. Истражните органи овие два дена влегоа во трага на криминална група која подолго време извршувала кривични дела поврзани со недозволена трговија со дрога и наркотични супстанци. Под истрага се 14 членови, соопшти денеска обвинителството.

Акцијата на МВР и ОЈО се протега од главниот град, па сѐ до југот на земјата. Опфатени се 20 локации во Скопје и една локација во Гевгелија, каде што Одделот за специјални полициски операции изврши претреси во текот на вчерашниот ден. 

„При реализацијата, постапувајќи по наредби за претреси во дом и други простории издадени од судија на претходна постапка, извршени се претреси кај 16 лица на вкупно 21 локација на подрачје на Скопје и на Гевгелија. При претресите, пронајдени и одземени се поголем број предмети за кои ќе биде извршено форензичко вештачење. Меѓу пронајдените и одземени предмети се и повеќе поголеми и помали пакувања на прашкаста материја“, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.

Во рамки на оваа акција, приведено е и лицето Раде Трајковски, познат како Штекли. Се сомничи за трговија со дрога, а некои медиуми објавија дека бил уапсен при обид за бегство во близина на хотел во околината на Гевгелија. 

„Ценејќи ги околностите, поврзаноста на осомничените, како и кривичните дела што им се ставаат на товар, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје достави Предлог за определување на мерка притвор за 10 лица, еден од осомничените е веќе во притвор, а останатите тројца не се достапни на органите на прогонот“, се вели во соопштението на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.

Речиси 10.000 евра, четири возила, 12 мобилни телефони, пиштол, семки и растителна материја со зелена боја за кои има сомнеж дека се наркотични, предмети за производство и пакување на дрога. Сето ова е пронајдено при претресите и одземено од страна на органите на прогонот.

За лицата опфатени во истрагата, постои основано сомневање дека сториле кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, информираат од обвинителството во кусото соопштение без многу детали.

Ова кривично дело е казниво според член 215 од Кривичниот законик.

Раде Трајковски – Штекли е име кое се поврзува со подземјето. Тој во изминатиот период неколкупати беше актуелен во јавноста, последен пат на средината на ноември. Тогаш имаше експлозија во неговиот двор во скопска Ќерамидница. Трајковски мина со лесни повреди и изгореници по телото.

Тоа беше трет неуспешен напад врз него. Претходните два се случија во трговски центар, кога беше пукано во него. Еднаш во гаражата од возило во движење, вторпат на ескалатор.

Истрагата претпоставува дека станува збор за напади кои се дел од престрелките на скопските криминални групи.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Штипјанец кој палел огномети, со години ја лажел полицијата дека има фирма за таа намена

Дејан Дејан

Трамп и Путин согласни за крај на војната во Украина

Дејан Дејан

Тахири: Ова е политички момент кој Таравари ќе сака да го употреби за да го оправда неговото политичко дејстувување

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе