Вести Македонија Најважни

Од тешка цревна инфекција, до безуспешна реанимација – ДСЗИ во вонредна инспекција по смртта на 9-годишно момче на Детската клиника

Донесено во многу тешка состојба, со обиди за реанимација, но, за жал, без успех. Патот на третирање и лекување на деветгодишното дете од Светиниколско сега веќе е „под лупата“ на институциите откако стигна потврда за неговата смрт, а под сомнеж за тешка цревна инфекција како причина за исходот.

Момчето било донесено на Детска, откако го препратиле од Клиничката болница во Штип. При приемот во Скопје, веќе му било утврдено респираторно и срцево попуштање и било дехидрирано.

Тимот од лекари на клиниката со сите сили се обиделе да го спасат детето. Но, реанимација во таков случај и со толку влошени параметри не може да даде никаков резултат, појаснија од Детска во телефонски разговор за Телма.

А, во пишано соопштено од Клиничката болница во Штип, информираа дека момчето било донесено кај нив на Одделот за детски болести во 18 часот, за во 19 часот веќе да биде препратено на скопскиот Клинички центар.

„Детето е донесено во тешка општа состојба и со засегната свест. Веднаш се реализирани биохемиски иследувања и компјутерска томографија на глава и поради тешката состојба со медицинска придружба во 19 часот истиот ден детето е транспортирано до Универзитетската Клиника за Детски болести во Скопје“, се вели во дел од соопштението на ЈЗУ Клиничка болница – Штип.

Здравствените инспектори веќе ги прибираат сите информации, се работи на случајот и ќе се направат сите проверки, уверува директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. 

„На Клиниката за Детски болести е примено детето во екстремно тешка состојба и веднаш е згрижено од тим специјалисти и доктори на интензивна нега. Државниот санитарен и здравствен инспекторат по мој налог како директор и согласно нашите надлежности, ќе изврши вонреден инспекциски надзор за текот на лекувањето“, изјави д-р Кирил Лазов, директор на ДСЗИ.

А, проверките на здравствените инспектори ќе ги опфатат сите инстанци, почнувајќи од матичниот лекар, до болницата во Штип и Детската клиника во Скопје.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Меџити: ДУИ прво ме контактираа мене со цел да ја растурат коалицијата „Вреди“

Дејан Дејан

Меџити: Членството на АА не сака да биде „гума за спасување“ на ДУИ

Дејан Дејан

Во Алијансата за Албанците не размислуваат сите како Таравари, тврди Меџити

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе