Вести Најважни Свет

Мирот во Газа колку е блиску, толку е далеку – договорот меѓу Израел и Хамас еуфорично најавен, во последен момент одложен

Мирот во Газа колку што е блиску, толку е далеку. Еуфорично го најавија, во последен момент го одложија. Имплементацијата на договорот за прекин на огнот во Појасот, постигнат со посредство на САД и Катар, сепак е неизвесна, известуваат дел од светските агенции. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини Хамас за повлекување од делови од договорот. Според него, палестинската милитантна група се обидува да изнуди отстапки во последен момент. Детали не објави, но го одложи денешниот состанок на воениот кабинет за ратификација на документот.

Портпаролот на израелската влада, Давид Менцер рече дека „Хамас отстапил во делот за ослободување на израелските заложници што било претходно договорено“ и порача дека израелските власти нема да го гласаат договорот сè додека не биде финализиран.

Шефот на преговарачкиот тим на Хамас, пак во видео порака објави дека Појасот Газа влегува во нова фаза, што ја нарече „фаза на изграбда и утеха“.

Посредниците во преговарачкиот процес, САД и Катар вчеравечер соопштија дека Израел и Хамас постигнаа договор за примирје и ослободување на заробеници по 15-месечната војна. Договорот, според нив, треба да стапи на сила во недела, ако биде одобрен од израелскиот кабинет. Но, и пред тоа по што почнаа да се редат честитки од европските лидери. Тие изразија надеж дека со него ќе биде ставен крај на страдањата во регионот и ги повикаа страните да се придржуваат кон договореното и во целост да ги исполнат преземените обврски. Претседателот на САД, Џо Бајден, изјави дека договорот ќе ја запре борбата во Газа, ќе дозволи хуманитарна помош и ќе ги обедини заложниците од двете страни со нивните семејства.

Најмногу, сепак, се израдуваа жителите во енклавата. По објавата дека е постигнат договор за примирје и прекин на огнот во Појасот Газа, како и за ослободување на заложниците, голем број луѓе излегоа на улиците во градовите Кан Јунис и Деир ал Балах во Газа прослаувајќи со танц и парада, бидејќи ќе можат конечно да се вратат во своите домови

Мировниот договор за Газа е поделен во три дела. Првиот вклучува размена на 33 заложници, за Палестинци кои се наоѓаат во израелските затвори. Израелската армија ќе се повлече од густо населените области во Газа, а Палестинците кои биле раселени ќе можат да се вратат во своите домови. Вториот дел од договорот ќе започне по 16 дена и ќе опфати целосно ослободување на сите заложници, повлекување на израелските трупи и воспоставување на одржлив мир. Последната фаза ќе се фокусира на обновување на Газата, што ќе трае со години.

И додека се чека примирјето во Газа, најмалку седум лица загинаа во два израелски напада што се случија по објавување на мировниот договор, соопшти Цивилната одбрана на палестинската територија.

Војната меѓу Израел и Хамас во Газа започна на 7 октомври во 2023 година, кога милитанти упаднаа во јужен Израел, убија околу 1.200 луѓе и киднапираа околу 250 Израелци. Аналитичарите сметаат дека една третина од 100-те заложници кои сè уште се држат во Газа се мртви. Во војната со Израел загинаа повеќе од 46.000 Палестинци од кои половина од нив се жени и деца.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Калајџиев: Сите влади кај нас практикувале реформски илузионизам, давајќи лажна надеж дека со измена на закони ќе се подобрат состојбите

Дејан Дејан

Петковска: Организацијата на судењето за пожарот во „Пулс“ ќе биде голем предизвик за Кривичен

Дејан Дејан

Трамп: Разочаран сум од Путин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе