Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп е „силен и непредвидлив“ и тие квалитети можат да бидат одлучувачки фактор во неговиот политички пристап кон руската инвазија на Украина, вели украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Трамп може да биде одлучувачки фактор. За нас тоа е најважно“, рече Зеленски во интервју за украинските медиуми.
Според украинскиот претседател Трамп е способен да го запре Путин или, поточно, да и помогне на Украина да го стори тоа.
Сепак, Зеленски рече дека нема да биде можно да се заврши речиси тригодишната војна во еден ден, како што тврдеше Трамп за време на неговата изборна кампања.
Трамп, кој ја презема должноста на 20 јануари, јавно не ја изрази својата политика за Украина, но неговите претходни коментари ставија знак прашалник дали Соединетите Држави ќе продолжат да бидат најголемиот – и најважен – воен поддржувач на Украина.
Зеленски вели дека би сакал да може да гарантира дека поддршката од Вашингтон ќе продолжи да доаѓа.
Со оглед на тоа што војната ќе влезе во својата четврта година следниот месец, и со доаѓањето на Трамп на власт, се поставува прашањето за тоа како и кога би можел да заврши најголемиот конфликт во Европа од Втората светска војна.
Русија контролира околу една петтина од Украина и минатата година ги искористи слабостите во одбраната на Украина за полека да напредува во источните области и покрај големите загуби на војници и опрема.