Вести Свет

Полска ќе се фокусира на безбедноста на Европа во идните шест месеци на чело на ЕУ

Со безбедноста на Европа во фокус, Полска од вчера во идните шест месеци ќе претседава со Европската унија. Полска одреди седум приоритетите или како што ги нарекува самата – димензии, кои ќе ги поддржува за поголема европска безбедност.

Полското претседателство притоа наведува дека го презема претседавањето во време на несигурност и загриженост, кога Европа се бори со последиците од руската инвазија врз Украина и потребата да ги зајакне сопствените безбедносни капацитети. За Варшава претседавањето доаѓа во време на зголемени геополитички тензии, ерозија на меѓународното право засновано за правила и хибридни закани чија цел се демократијата и безбдноста на Европа.

Полскиот премиер Доналд Туск за време на состанокот на неговиот владин кабинет на новогодишната ноќ, пред неговата земја да го преземе претседавањето, изјавил дека Полска сега ја носи одгоорноста за цела Европа.

„Полска мора да победи оваа година. Одговорноста за Европа ќе ја носиме на наши рамења. Полска ќе биде место за кое целиот свет ќе зборува со благодарност, не само затоа што ја браневме демократијата, туку и затоа што градиме голем цивилизациски успех. Ќе бидеме добар пример за цела Европа“, изјави полскиот премиер Доналд Туск.

Според Туск, Полска ја презема позицијата во предизвикувачки период обележан со конфликти, а нејзина задача ќе биде да ги убедиме сите 27 земји-членки на ЕУ дека Европа може да продолжи да биде најбезбедното и најстабилното место на планетата.

Клучните цели на полското претседавање е обезбедување на Украина со потребната поддршка во нејзината одбрана од руската агресија; зајакнување на границите на ЕУ и борба против инструментализацијата на миграцијата; и зајакнување на одбранбените способности, економската конкурентност, енергетската независност и безбедноста на храната.

„Здраво Полска!“ напиша претседателката на европската комисија, Урсула фон дер Лајен како поздрав на преземањето на претседавањето од Полска.

„Го поздравувам фокусот на полското претседателство на безбедноста на нашата Унија, во сите нејзини димензии. Ќе започнеме многу важни иницијативи во првата половина на 2025 година. Затоа, благодарна сум што покрај нас ја имаме одлучноста и европскиот дух на Полска“, напиша Фон дер Лајен.

Полското претседавање доаѓа по унгарското, кое за многумина се сметаше за контроверзно поради тоа што Унгарија како претседавач постојано го блокираше проширувањето на санкциите на ЕУ кон Русија, а пред деве недели, заедно со Словачка и санкциите кон новоизбраната проруска грузиска влада. Полска пак освен што е голем противник на Русија и руската агресија врз Украина, на чело на ЕУ застанува како земја предводена од владата на Туск, проевропски политичар, кој од 2014 до 2019 беше на чело на Европскиот совет.

Полска претседавањето го презеде и во период на смената на администрацијата во Вашингтон, односно во очи на враќањето на Доналд Трамп на претседателската позиција во САД, а кој веќе најави трговска војна со ЕУ со воведување на дополнителни давачки за европските производи. Полскиот претседател Анджеј Дуда, чиј мандат истекува за неколку месеци, а кој е спротивставениот политички табор на Туска, ја повика владата да го искористи претседавањето на Полска и да ја зајакне соработката меѓу ЕУ и САД. Според него нема безбедна Европа без учество на САД.

Ова е второ претседавање на Полска со ЕУ откако таа стана членка во 2004 година. Претходното и беше во 2011 година.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трамп: Разочаран сум од Путин

Дејан Дејан

Нуклеарката Запорожје остана без струја, Украина ја обвини Русија

Дејан Дејан

„Паднал низ прозорец“ – почина потпретседател на руска нафтена компанија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе