Контроверзен и оспоруван, обременет со обвиненија, преживеа и обида за атентат. Многумина го отпишаа и посипаа со пепел, а тој се издигна како феникс. Победата на Доналд Трамп, несомнено, е настанот на годината што изминува. Не само што убедливо победи на претседателските избори во САД, кои важеа за неизвесни, и се врати во Белата куќа, туку ги предводеше Републиканците и до преземање на контролата врз двата дома во Конгресот. На негова страна беа сите седум т.н. колебливи држави. Вети брзо запирање на војните во Украина и на Блискиот исток, не прецизирајќи како, најави протерување на мигрантите и намалување на федералната влада, како и воведување на високи царини за Европската Унија и Кина.
И додека во кампањата под слоганот „Да ја направиме Америка повторно голема“, ги убедуваше Американците зошто да гласаат за него, а не за демократската кандидатка Камала Харис, Владимир Путин веќе осум месеци беше во петтиот мандат. Во трката влезе како независен кандидат, но победата не беше доведена во прашање во ниту еден момент, бидејќи немаше кредибилен ривал. Наспроти себе имаше тројца епизодисти кои, впрочем, се негови поддржувачи кои ги оддува со 87 отсто добиени гласови. Путин ќе остане на чело на Русија до, најмалку 2030 година, а со земјата практично владее од 2000 година, што го прави најдолговечен владетел во Кремљ од Јосиф Сталин.
Месец дена пред неговата победа, почина Алексеј Навални, еден од неговите најжестоки критичари. Светот го напушти во казнена колонија на околу 1.900 километри североисточно од Москва, каде отслужуваше затворска казна. По повеќе од 10 години егзил, Џулијан Асанж, конечно, стана слободен човек. Основачот на Викиликс најде заштита во амбасадата на Еквадор во Лондон, а пет години мина и во строго чуваниот затвор Белмарш. Во јуни се спогоди со власта во Вашингтон да признае вина за кршење на американскиот закон за шпионажа, но не и за првобитните 17 во обвинението.
Годината што изминува ја одбележаа турбуленции на политички план во светот. Урсула фон дер Лајен остана на чело на Европската комисија по изборите на стариот континент, но Франција и Германија паднаа во криза. Претседателот Макрон именуваше тројца премиери, додека Шолц не успеа да ја сочува семафор коалицијата во Берлин и мораше да прифати предвремени избори. Олимписката година, во која светот одбележа пет години од почетокот на пандемијата на ковид-19, заврши со пад на Башар ал Асад од власта во Сирија и негова евакуација во Русија заедно со семејството, каде доби политички азил.
Сашко Димовски