Вести Најважни Свет

Инфлацијата загрижува, но економијата е стабилна – Путин на годишна прес-конференција во Москва

Економијата во целина е стабилна, и покрај предизвиците и инфлацијата која признава дека загрижува. Ова е една од оценките на рускиот претседател Владимир Путин на традиционалната годишна прес-конференција за медиуми во Москва. Под стабилноста на економијата рече оти мисли и на надворешната. Во тој контекст истакна дека Русија за две години остварила раст од осум отсто, показател за кој вели дека во САД е пет-шест отсто, во еврозоната – еден, а во Германија – нула.

Според Путин, невработеноста во Русија е на најниско ниво и изнесува 2,3 отсто додека индустрискиот раст е 4,4 отсто. Заминувањето на странските компании во Русија, како што нагласи, го стимулирало домашниот бизнис.

Путин изјави дека руските сили се ближат до остварување на своите клучни примарни цели во Украина. Истакна дека се напредува долж целата линија на фронтот, а за украинските единици во Курск рече дека ќе бидат протерани. Годишната прес-конференција на Путин почна во 10 часот по средноевропско време и до нејзиниот почеток пристигнаа околу два милиона и 800.000 прашања. Областа околу Кремљ и Црвениот плоштад се под засилени мерки на безбедност.

Додека Путин се подготвуваше за денешниот конференциски маратон во Москва, украинскиот претседател Володимир Зеленски во Брисел разговарал со неговиот француски колега Емануел Макрон за неговиот предлог за распоредување војници во Украина како начин за постигнување на стабилен мир. Иницијативата на Макрон предвидува испраќање на мировници кои ќе ги поддржат напорите за деескалација на конфликтот со Русија.

Зеленски ја истакнал важноста од меѓународна поддршка за Украина, особено со оглед на тековните предизвици со агресијата на Русија и територијалните загуби. Иако распоредувањето на такви сили би било деликатен процес, француските власти ја сметаат оваа иницијатива за важен чекор кон можноста за долгорочен мир во регионот.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кармина Бурана во Солун- заедничка изведба на Филхармониите од Скопје и Софија и симфонискиот оркестар од Солун

Дејан Дејан

Студентите повикаа на продолжување на граѓанската непослушност и блокада во Белград

Дејан Дејан

Израел продолжува со нападите во Газа – убиени и повредени повеќе десетици Палестинци

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе