По дефиниција е непартиски и со граѓанско-експертски состав, но во Советот за граѓански надзор задолжен за надзор врз мерките на следење на комуникации има најмалку петмина партиски активисти и членови, сите од партии на актуелната власт. Нивните биографии не го откриваат партиското портфолио, но не ни сокриваат дека станува збор за луѓе кои имаат скромно искуство во областа.
„Верувам дека со моето искуство, знаења и желба за придонес во подобрувањето на медиумскиот сектор, ќе бидам активен член и од полза на Советот за граѓанска контрола“, вака својата биографија ја завршува м-р Илче Димовски, кого владеачката коалиција во „брза“ лента го помина на Комисијата за избори и именувања во Собранието и го предложи за претседател на Советот за граѓански надзор.
Но, Советот нема ингеренции во медиумскиот сектор, а кандидатот го погрешил и името на институцијата за која конкурирал. Владеачките пратеници го избраа Димовски кој до пред неколку години држеше и партиски пресови во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Битола. Има завршено два факултета – Јавна администрација во Битола и правен факултет во Кичево. И двата со ист просек – 6,62, а во Битола нема регуларни 240 кредити, туку еден повеќе. Избран е како претставник на невладин сектор за што приложил препораки.
Во Советот се избрани и Никола Затуровски од струшко Враништа, поранешен член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, по професија наставник по математика. Актуелниот советник од ВМРО-ДПМНЕ во Кочани, Мирче Стојков, кој е наставник по историја, исто така е предложен за член.
Четвртиот партиски експонент во Советот за граѓански надзор е Благоја Стојановски, машински инжинер кој е предложен како експерт за надзор врз прислушувањето и за заштита на човекови права. Од 2011-та до 2016-та бил пратеник од СДСМ, но заминува во ЗНАМ чиј кандидат за пратеник беше на изборите во мај.
Седум месеци подоцна, сега како експерт е избран од владеачкото мнозинство на Комисијата за избори и именувања и предложен е да стане член на Советот за граѓански надзор. Приложил документи дека учествувал во изработка на софтвер за проценка на состојба на корозија кај цевководи.
Најинтересната пријава ја има хемичарот по струка, Нафис Ќазимовски кој на рака и на 28.10. (при крај на конкурсот) напишал пријава и се кандидирал. Предложен е како член на граѓанскиот сектор, но нема препораки, туку лично навел дека има долгогодишно искуство.
За член е предложен и разрешениот врховен судија Стојанче Рибарев кого Судскиот Совет го разреши пред три години поради сомнежи дека како в.д. претседател на скопскиот Кривичен суд местел и делел предмети рачно, на подобни судии, наместо преку компјутерскиот АКМИС. Овој детал го нема во биографијата која ја доставил до Собранието.
Единствен член од академската заедница е професорката од Факултетот за безбедност, Катерина Крстевска Савовска. Од 2005-та е вработена на Факултетот во Идризово, а има работно искуство и во МВР во Интерпол одделот.
Инаку Законот за следење на комуникации предвидува Советот да има претседател и шест членови (независни) од кои тројца експерти во областа и тројца од невладиниот сектор кој покрива теми поврзани со човекови права и безбедност.
Миомир Серафиновиќ