Познавањето на знаковниот јазик не е задолжителен критериум при вработување на наставниот кадар во Државниот училишен центар „Партение Зографски“, кој што брои 19 наставници кои им предаваат на вкупни 20 средношколци со оштетен слух, кажа заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа. Според неа, загрижува фактот што постојат наставници кои не го знаат воопшто знаковниот јазик, а има и такви кои се на почетно ниво од вкупно шест за негово совладување, иако подолго време работеле во училиштето.
Учениците се пожалиле дека дел од наставата, наместо на знаковен јазик, се одвива вербално, со пишување на табла или со споделување печатени материјали, што не им се јасни на учениците, вели Бајрамовска- Мустафа.
„Изјавуваа дури и реченици од типот, нашето оценување е како лотарија. Ставаат двојки, тројки, четворки и петки, без да ни го проверат знаењето. Доволно е само да го препишеме тоа што го пишуваат на табла“, изјави Васка Бајрамовска Мустафа, заменик народен правобранител на Македонија.
Учениците одговарале со помош на наглув соученик кој добро го владее знаковниот јазик. Тие реагирале дека се обасправени, зашто во овие околности не стекнуваат доволно знаења за да го продолжат образованието, ниту пак имаат можност да се вработат. За потребата од надминување на проблемот е информиран МОН.
„Неминовни се промените, неминовни се чекорите, неминовна е надградбата на образовниот кадар, бидејќи тој треба да знае дека се наоѓа во училиште кое ги третира учениците со оштетување на слухот и говорот“, изјави Марија Башеска Стојановска од Асоцијацијата на толкувачи на македонски знаковен јазик.
На меѓународниот ден на лицата со попреченост, пред Министерството за социјална политика реагираа и од коалицијата „Менуваме“. Од таму велат дека повторно доцни исплатата на надоместоците за персоналните асистенти за септември, октомври и ноември, а за тоа молчеле провајдерите на овие компензациски услуги.
По спроведена евалуација, од Коалицијата констатирале дека нема соработка меѓу провајдерите и персоналните асистенти, а надоместокот за нив се крател спротивно на Законот за социјална заштита. Од 25.200 денари, 11% се за Персонален данок, па остануваат 22.500 денари. Но, асистентите добиваат само по 17.000 денари, велат од Коалицијата.
„Ако вие имате 150 корисници во Скопје, колку пари остануваат за еден провајдер? – И денес тие провајдери нас да нè пуштат низ вода, да бидеме ние во информативен мрак. Дали нашите персонални асистенти ќе продолжат да работат? – А, информативниот мрак е зад мене. Кај овие министри тука“, рече Суарет Алишан од Коалиција „Менуваме“.
Па, бараат средба со министерот за социјална политика и со провајдерите. А, незадоволни се и од најавата за зголемување на додатокот за попреченост само за квадриплегичари и за лица со оштетен слух и говор за 50%, односно 25%. И од тоа што со Предлог-буџетот за 2025 година, за социјални услуги, средствата им се кратат за 40% во однос на добиените годинава.
А, од министерството за социјална политика велат дека исплатите на персоналните асистенти и финансирањето на сите социјални услуги ќе продолжи, без да прецизираат од кога. И дека до крајот на декември министерството ќе објави нов повик, за финансирање на лиценцирани даватели на услуги и апелираат на нивна проактивност. За останатите барања министерството ќе направи ревизија на Законот за социјална заштита, со цел да се ревидираат сите социјални услуги и да се унапредат, велат од овој ресор.
Сотир Трајков