Вести Македонија Најважни

Каква ќе биде судбината на хотелите „Бристол“’ и „Арапска куќа“ по влезот на нови бизнисмени во „Македонија турист“?

Каква ќе биде судбината на хотелот „Бристол“ и на „Арапската куќа“, поранешен хотел „Јадран“? – Ова прашање се наметна, откако во „Македонија турист“, која е сопственик на објектите, влегоа бизнисмените Фатмир Етеми и Зоран Антиќ.

Фактор.мк објави колкава е вредноста на акциите кои се продадени. 

Призма објави за заканите кон културното наследство кое е во сопственост на „Македонија турист“

Двајцата се соочија со протести од јавноста поради нивните градежни зафати и се познати по изградбата на висококатници.

Етеми наиде на критики за изградбата на зграда кај споменикот – Воена болница. И покрај мислењето на Конзерваторскиот центар дека е недозволиво зграда од 17 ката да никне во близина на културно значен објект, багерите на неговата компанија ЗСФ КОМ си почнаа со работа.

Невладината „02“ беше најгласна и се обидуваше да укаже на последиците од изградбата, но и за незаконитости во постапката. Но, Општина Карпош не го прифати нивното барање за поништување на одобрението за градба и покрај негативното мислење и од Конзерваторскиот центар.

Антиќ, пак, предизвика револт поради изградбата на трите висококатници спроти хотелот „Холидеј ин“. Архитекти и граѓански здруженија бараа да се суспендира планот за градба. Од „МГ Фешн“, фирмата на Антиќ, се правдаа дека просторот на поранешниот паркинг ќе стане модерен центар со многу јавни површини, зеленило и ќе биде гордост на Скопје.

И Етеми и Антиќ на крајот си го истераа своето. Во „Македонија турист“ сега Етеми има удел од 9,84 проценти, а Антиќ 7,69. Но, бизнисменот Доне Таневски, кој три децении е во хотелскиот гигант, се уште го има мнозинскиот удел од 23,4 проценти.

Но, уште еден бизнисмен влезе во „Македонија турист“. Симеон Павлов не е градежник, туку неговата фирма „Чезакомерц“, се бави со трговија. Сепак, со неговите 8,19 проценти, Етеми и Антиќ заедно би имале најголем удел во „Македонија турист“ или за над 1 процент повеќе од Таневски.

Тие така би имале шанса да го имаат последниот збор за иднината на обележјата на главниот град. А со акциите на „Македонија турист“ сè уште се тргува.  Акционерското друштво во чија сопственост се низа хотели минатата година имало добивка од околу 1 и пол милиони евра.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Јахоски излезе од притвор со гаранција во стан на фирма која дели иста адреса со фирмата на зетот на Али Ахмети

Дејан Дејан

На второто гласање Бундестагот го избра Фридрих Мерц за нов канцелар на Германија

Дејан Дејан

По повеќе од три години преговори Велика Британија и Индија постигнаа трговски договор- царините на британските автомобили ќе се намалат од 100% на 10%

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе