Либанската организација Хезболах потврди дека нејзиниот лидер, Хасан Насрала бил убиен во израелскиот воздушен напад врз нејзиното седиште во Бејрут. Претходно Израел соопшти дека со прецизен воздушен удар го елиминирал Насрала и неколку фисоки функционери на Хезболах, додека одржувале состанок во седиштето на организацијата лоцирано во нејзиниот бастион во населбата Данија во Бејрут.
Утрово официјално ја соопштивме елиминацијата на Хасан Насрала, лидерот кој 30 години ја предводеше терористичката организација Хезболах, со прецизен напад на воздухопловните сили, военото разузнавање и оперативната команда извршен вчера во Данија во Бејрут. Го елиминиравме заедно со други високи команданти, и Али Карки, командантот на јужниот фронт на организацијата, изјави портпаролот на израелските одбранбени сили, адмиралот Даниел хагари.
Надежите дека може да се стабилизира ситуацијата во регионот вчера претрпеа тежок удар, а денеска се чинат целосно урнати. Во текот на вчерашниот ден дел од западните земји подготвија предлог за 21 дневно примирје меѓу Хезболах и Израел, и неколку часа се чинеше дека израелскиот премиер Нетанјаху, во најмала рака е подготвен да разговара за тој предлог. Но, по неговиот говор во Генералното собрание, Израел започна интензивни воздушни напади врз Бејрут. Напади во кои, успеал да го елиминира и Насрала.
Ова не значи дека ги исцрпивме сите наши алатки, имаме уште. Пораката е многу едноставна. Секој што им се заканува на израелските граѓани, знаеме како да стигнеме до нив, на северот, на југот, а исто така и на подалечни места, изјави шефот на израелскито генералштаб херзи халеви.
Иако десетици земји макотрпно работат на спречување на голема војна во регионот, Израел очигледно смета дека Хезболах е доволно разнишан за да му го зададе решавачкиот удар. САД, кои ја предводат таа група земји, и покрај тоа што воено го поддржуваат Израел од самиот почеток на војната во Газа се обидуваат да го зауздаат Тел Авив, за да не го повлече целиот регион во војна, беа изненадени и од оваа последна операција на Израел.
Сѐ уште собираме информации. Можам да ви потврдам дека САД немаа никакви информации или учествуваа во акцијата на ИДФ. Со бираме информации, и ќе кажеме повеќе кога ќе имаме повеќе информации, изјави американскиот претседател џо бајден.
По нападот на 7 октомври минатата година, по кој Израел ја започна систематската елиминација на Хамас во Газа, очигледно одлучи дека сега е моментот да се пресмета и со Хезболах, и по секоја цена во своја полза да го смени балансот на моќта во регионот.
Игор Трајков