Додека некои членови на поранешниот состав на антикорупциска заедно со граѓаните и по неколку месеци чекаат да подигнат нормални пасоши, актуелните членови како приоритет во борбата против корупцијата го издигнале добивањето на дипломатски пасоши.
Претседателката и сите членови на ДКСК побарале МНР да им издаде вакви привилегирани патни исправи, а досега пасош во сина боја, добила само првата Антикорупционерка Татјана Димитровска.
Таа во интервју за ТВ 24 потврди дека сите барале пасоши затоа што имаат патувања и надвор од државата.
Минатата година во рамки на скрининг процесот во ЕУ, поранешната претседателка на ДКСК Билјана Ивановска дваесетина пати била во Брисел, па на нашето прашање дали имала за таа цел дипломатски пасош, а таа ни одговори дека никој од стариот состав не барал таква привилегија.
Oд аеродром до градот Брисел патувала со јавен превоз кој чинел 9,9 евра без да бара посебни услови од мисијата на државата во ЕУ.
До новата претседателка на Антикорупциска Татјана Димитровска упативем повеќе прашања поврзани со привилегиите на антикорупционерите откако не се јави на повиците на Телма. Не добивме одговор ниту за дипломатските пасоши ниту на прашањето до Димитровска- Дали им е одговорено на барањето за службени возила.
Од друга страна, двајца членови на претходниот состав доаѓаа на работа со велосипед, тројца патуваа со автобус од Тетово, Велес и Гостивар на работа во Скопје. Работните посети ги вршеа или пешки бидејќи се блиску до институциите во центарот на Скопје или пак си плаќаа сами такси.
Димитровска пак во интервјуто тврдеше дека членовите на актуелниот состав не барале службени возила ниту од Агенцијата за управување со одземен имот или СОЗР.
Главната задача на антикорупционерите е да се борат против корупцијата на актуелните и поранешни функционери, а единствен случај кој го завршија за повеќе од 5 месеци стаж е за Академијата за судии и обвинители.
Миомир Серафиновиќ