Младата македонска ракометна репрезентација одигра реми 24-24 со Хрватска во рамки на 2.коло на Европското првенство што се одржува во Словенија. Избраниците на селекторот Раде Стојановиќ во второто полувреме се вратија од голема негатива, а во финишот имаа и шанса за победа.
Нашите ракометри играа добро на стартот на полувремето. Постојано водеа со еден и два гола разлика се до 9-8. Тогаш Хрватите имаа фуриозен финиш на првиот дел и направија серија од 1-7 за да заминат на пауза со предност од 10-15. Хрватска на стартот на вториот дел дојде и до највисоката предност од 11-18. Македонија се разбуди и со серија од 9-1 направи пресврт и поведе со 20-19. До последниот момент се играше гол за гол со тоа што Хрватите поведуваа, а нашите израмнуваа. Македонија го имаше последниот напад, но не успеа да реализира за победа со што ќе го завереше пласманот во следната фаза.
Димитар Узунчев и Славчо Шулески со по шест голови беа најдобри во нашиот табор, Иван Галевски имаше седум одбрани, а Давид Брестовац четири. Кај Хрватска, блескаше голманот Тин Херцег со 17 одбрани, а во нападот највеќе се истакнаа Марко Бајан и Нико Франковиќ со по шест голови.
По победата над Црна Гора во првото коло, со овој бод имаме вкупно три и добра позиција да се бориме за првото место во групата. Задутре ќе ги одмериме силите со Австрија во последното коло од групната фаза.