„Вреди“, како коалиција, веќе е пред ДУИ. Таков е трендот, а тоа го покажуваат и последните анкети, одговори Арбен Таравари, претседател на Алијанса на Албанците (АА) и министер за здравство во новата влада, во вечерашното интервју во „Топ тема“ на Телма ТВ на кулоарските толкувања дека предложените измени за законот за локална самоуправа и избегнување на вонредни локални избори за градоначалници во три општини е страв од соочување со волјата на народот.
„И разликата само се зголемува. Зборуваме за еден месец по избори, замислете по пет-шест месеци. Воопшто не е страв во прашање. Резултатите во Гостивар беа тука-тука, без македонски партии и без Турците. Во првиот круг победивме ние, во вториот круг загувме, меѓутоа со ситен број на гласови. Значи во првиот круг победивме со 75, сами како „Вреди“, без коалиција, вториот круг загубивме за 360 гласови. Ако ги комбинирате тука и етничките заедници, Турската демократска партија која во Гостивар има околу 4.000 гласови, беше со ДУИ. Сега на локалните може да биде поинаку. Кај македонските партии е огромна разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, околу 4.000 – 5.000 гласови. Победата во Гостивар не е дискутабилна. Во Сарај не знам како ќе излезе, но и таму ќе целиме да победиме. Меѓутоа, повторно велам, не е рационално да ги малтретираме граѓаните за 11 месеци да гласаат двапати и да правиме трошоци. Меѓутоа, ако се одлучи поинаку, тука сме и за другото“, истакна Таравари.