Вести Македонија

Таравари предлага: Ако градоначалникот по повеќе од две години ја напушта функцијата, ќе добие В.Д. за наследник до редовните избори

Доколку градончалник на општина ја напушта функцијата по изминат повеќе од половина мандат, во тој случај Советот да избере вршител на должност до следните избори. Вакви измени на Законот за локална самоуправа ќе предложи коалицијата „Вреди“ за да се избегнат есенва локални избори во општините Аеродром, Гостивар и Сарај чии градоначалници стануваат министри или пратеници.

Во денешното интервју за „Топ тема“, Арбен Таравари, кој од позицијата градоначалник на Гостивар треба да седне во министерската фотелја во здравство, вели дека причината за вакви измени е рационално постапување.

„Ако се оддржат предвремени локални избори ќе треба во ноември или декември оваа година, а редовните избори се некаде септември, октомври следната година. Имајте предвид дека за 10 или 11 месеци ќе има два пати локални во три општини. Мислам дека само правиме трошоци, не постигнуваме ништо и затоа го дадовме предлогот. Да беше за повеќе од половина мандат апсолутно треба да се гласа. Се работи за мал период да се избере нов граодначалник и потоа пак да се оди на редовни избори“, рече Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците.

Таравари вели дека засега подршка имаат од ВМРО-ДПМНЕ, а се надева и од СДСМ од каде вели, добил некакви сигнали. Очекува одговор и од ДУИ, чиј координатор на пратеничката група Блерим Беџети доаѓа од градоначалничката фотелја во општина Сарај. Нивната поддршка е клучна и за обезбедување на бадентерово мнозинство. Таравари тврди дека нема по секоја цена да помине законот и ќе ги слушнат нивните мислења.

Експертите предупредуваат спротивно на Уставот е некој градоначалник на повеќе од една година од истекот на мандатот да си замине на друга функција, а советник од негова политичка провиниенција да го замени. Професорот Борче Давитковски во вчерашната „Топ тема“ рече дека ваквите законски измени ќе бидат неуставни, затоа што граѓаните се тие кои согласно уставот имаат право да се организираат и да изберат свои локални претставници.

„Кај нас стана мода политичките партии да го супституираат тоа право што е на граѓаните и да кажат „тоа е наше право“ и сега кажуваат некои бенигни причини – „еве трошоци, ќе чини милион, два милиона евра, граѓаните ќе се малтретирале“. Да се разбереме, секоја демократија чини. Ако е така предвидено, така треба да биде. Тоа е една повреда на уставот, односно правата на граѓаните во локалната заедница се повредени. Они гласале за еден субјект кој што станал градоначалник и на тој субјект му дале мандат. Ако тој ја напушти градоначалничката функција, тоа значи дека треба да се распишат избори, рече во вчерашната „Топ тема“, Борче Давитковски, професор по управно право.

Вториот аспект со кој ќе се повреди Уставот, според Давитковски е ретроактивното дејство.  Законите кога ќе се донесат, се применуваат во иднина, а не ретроактивно, освен ако се поповолни за субјектите. Во ситуацијава поповолни се за политичарите, а не за граѓаните смета професорот.

Доколку бидат донесени вакви законски измени Давитковски очекува Уставниот суд по сопствена иницијатива веднаш да реагира да го укине законот. Тој објаснува дека претседателката Силјановска Давкова не може да стави вето на законот затоа што е дво-третински, но очекува како професорка од Правниот факултет која е и автор на првиот учебник за локална самоуправа јавно да реагира.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пријави за штети од невреме во Тетовско, невреме и во Гостиварско и Кумановско

Дејан Дејан

Таравари: Добрата дигитализација направила револуција и огромни заштеди во здравството во други држави 

Дејан Дејан

Игор Стојковски – нов директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе