Вести Македонија Најважни

ИН МЕМОРИАМ: Почина Стојан Андов, првиот претседател на Собранието

Беше прв претседател на Собранието на Република Македонија, а во историјата влезе во ноември 1991-вата кога раководеше со седницата на која беа потврдени темелите на независноста и самостојноста на државата кога беше изгласан Уставот на државата.

Андов почина на 89-годишна возраст откако во три наврати ја вршеше втората функција во државата, додека во 1995-та, по атентатот врз претседателот Киро Глигоров, имаше 44 дена како претседател на државата.

Дваесет и седум години подоцна токму мемоарите за атентатот ќе му донесат и правни проблеми откако екс министерот Фрчковски преку суд успеа да го спречи продавањето на една од неговите 4 книги за политичките случувања во првите години на независна Македонија.

Ниту на промоцијата на неговите мемоари не пропушти да го искористи кавадаречкиот акцент.

Можеше да напише од прво лице, бидејќи со претседателот Киро Глигоров и првиот премиер Никола Кљусев не сведочеа туку ја создаваа историјата на независноста. Андов од највисокото столче во Собранието имаше и поинаква перспектива на тие времиња кога војната и национализмот ја разоруваше поранешната држава.

Како искусен политичар и дипломат кој извршувал повеќе пратенички и амбасадорски функции во СФРЈ беше свесен за нејзиниот крај кој отвори можност за нов почеток.

Во тоа време кога илјадници македонски војници беа на фронтот да гинат за туѓи национални идеи, и лично се вклучи во борбата тие да се вратат назад, па дури и со бегство.

И по завршувањето на политичката кариера, често беше повикуван во Собранието кога на помладите и понеискусните пратеници им даваше совети или лекции- не секогаш партискиот лидер е во право.

По политичкото пензионирање, додека можеше, често доаѓаше на ТВ Дебати- да го каже својот став или да го пренесе своето искуство.

Вчера замина, а секогаш покрај неговото име ќе стои дека беше прв претседател на Собранието на независна и самостојна Македонија.

Миомир Серафиновиќ

Биографија на Стојан Андов

Стојан Андов е роден во Кавадарци во 1935 година.

Основно образование и гимназија завршил во родниот град, а дипломирал на Економскиот факултет во Скопје.

Магистрирал на Факултетот за политички науки во Белград во 1972 година.

Бил потпретседател на Републичкиот извршен совет, член на македонската делегација во Соборот на републиките и покраините и член на федералната влада (ранг на министер) во три мандати.

Во тие мандати бил и преговарач во контактите на поранешна Југославија со експертите на ЕЕЗ во периодот од 1971 до 1987 година (денешна Европска Унија).

Бил извонреден познавач и експерт за економските прашања, а како и политичар повеќе бил ориентиран кон пазарната економија. Бил амбасадор на поранешна Југославија во Ирак (1987-1991 година).

Основач е на Сојузот на Реформски сили во Македонија (партија на Анте Марковиќ, поранешниот претседател на извршниот совет односно владата на СФРЈ). Оваа партија по распадот на Југославија прерасна во Либералната партија на Македонија и како нејзин претседател ја водеше партијата до спојувањето со Демократската партија во 1997 година, кога е избран за претседател на Советот на новоформираната Либерално-демократска партија (ЛДП).

На првите повеќепартиски избори во 1990 година е избран за пратеник во Собранието, а подоцна и на сите наредни избори до 2008-ма. Пратеник е 21 година, а од Собранието заминува во 2011-та година.

Во три мандати бил претседател на Собранието. По атентатот на поранешниот претседател, Киро Глигоров на 3 октомври 1995 година, извесен период (44 дена) ја врши и функцијата претседател.

Беше кандидат за претседател на Република Македонија на претседателските избори во 1999 година.

Како пратеник, бил и претседател на Постојаната анкетна комисија за човековите права и слободи на граѓаните од 2002 до 2006 година и претседател на собраниската Комисија за уставни прашања од 2006 година.

Познат е како политичар од времето на СФРЈ ориентиран кон пазарната економија, искусен и успешен политички преговарач во современиот домашен политички амбиент, но и како политичар со меѓународна репутација во преговорите со странските експерти од областа на економските односи, политичкиот систем и човековите права. Бил избран и за потпретседател на Либералната интернационала.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Меџити, Касами и Ибрахими во Владата на средба со Мицковски

Дејан Дејан

Поради нехуман третман на животните АХВ времено го затвори стационарот Лана во Струмица

Дејан Дејан

Георгиевска: Новинарите се заложници на политичарите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе