Заклетвата како нов премиер ќе ја даде со уставното име на државата кое е содржано во новиот собраниски деловник, порача мандатарот Мицкоски во интервју за Сител.
-Не можеме да се однесуваме со двојни стандарди, не можеме да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите и уставот, а ние да не ги почитуваме. Но, во моите настапи дома и во давањето изјави ќе го користам името на мојата држава, а тоа е Македонија, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски.
На прашање, што да очекуваат граѓаните, на која држава ќе биде премиер Христијан Мицкоски и што ќе каже во заклетвата, тој рече дека “уставното име е со придавката”.
-Па, уставното име на држава, јасно, не треба тука ние сега да имаме двојни стандарди и да се чувствуваме пред граѓаните неодговорни или, пак, граѓаните да ги доведуваме во заблуда. Се знае уставното име е со придавката и логично е, Деловникот за работа на парламентот е променет, а во самиот Деловник е содржана заклетвата. Се разбира дека ќе го кажам уставното име на државата, не гледам друг начин како да се каже таа заклетва за да не биде понатаму главна тема. Сакам да ја затворам таа тема бидејќи нас не очекуваат реформи, не очекуваат подобри времиња за Македонија. Инаку, како што кажав во минатото, така ќе кажам и во вашата емисија дека при моите изјави во Македонија, при моите говори, секогаш јас ќе си го користам името Македонија како име на мојата татковина и тука не треба да имаме дилема. Тука немам намера да правам компромиси бидејќи тоа е моето загарантирано човеково право, изјави Мицкоски во интервјуто за Сител.
Мицкоски смета дека заклетвата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, кога таа не го изговори уставното име на државата, туку рече Македонија, е поинаков случај од овој со давањето свечена изјава на избран премиер.
-Не можеме да се однесуваме со двојни стандарди, не можеме да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите и уставот, а ние да не ги почитуваме. Колку и да не се согласуваме со некои делови од нив, ние да мислиме дека тоа може да биде поразлично, подобро, повеќе чувствително итн., суштината е дека ние како влада мораме да ги почитуваме. Таков е новиот Деловник за работа во парламентот, заклетвата е јасно дефинирана со Деловникот и тука нема простор за импровизации. Друго беше заклетвата на претседателката. Заклетвата е содржана во друг закон, тоа е Изборниот законик и тој не е променет, таму стои Република Македонија. Тоа се сосема два различни правни документа. Не ми е драго што ќе ја кажам таа придавка, но тоа е законот. Тоа ќе биде мојот начин на однесување, согласно законот и согласно Уставот се додека тие важат како такви, изјави Мицкоски.
Претседателката Силјановска во трите патувања во странство се обраќаше со „нашата држава“ и „нашата земја“, не спомнувајќи го името на државата, а Мицкоски беше дециден дека тој ќе го користи уставното име.
-Апсолутно, тука не треба да има никаква дилема. Уставното име е уставно име, дали ние се сложуваме со тоа – не се сложуваме, дали ни е драго – не ни е драго, но тоа е уставно име на државата, а при давање изјави, мое лично право е како јас ќе ја наречам мојата држава, објасни мандатарот кој денеска го употреби уставното име кога го предаде предлогот за избор на новата влада.
Под името на Мицкоски стоеше “мандатор за состав на владата на Република Северна Македонија” под што стоеше и потпис на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Списокот со министри стигна во Собранието, викендов нова влада