Вести Македонија

Како Мисајловски заврши во одбрана, а Тошковски остана во внатрешни работи- кои се министрите на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски

Едно од поголемите изненадувања од списокот министри е кандидатот за министер за одбрана, Владо Мисајловски.

-Министер за одбрана ќе биде предложен Владо Мисајловски кој е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, пратеник, поранешен министер за транспорт и врски, со искуство во македонската дипломатија како поранешен државен секретар во МНР. Мисајловски активно работеше за исполнување на високите критериуми за членство во НАТО од таа позиција, рече мандатарот Мицкоски на прес конференцијата кога ги обелодени партиските и коалициските предлози за министри.

Мисајловски на таа позиција не би требало да има проблеми со добивањето на НАТО безбедносен сертификат. Од друга страна, од игра испадна Игор Јанушев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ чие име се спомнуваше минатите денови како министер или за одбрана или за внатрешни работи.

Во ресорот внатрешни работи се враќа техничкиот министер Панче Тошковски. Адвокат кој своевремено работеше како државен службеник и членуваше во комисии во Министерството за транспорт и врски. Државно-административната кариера ја замени со адвокатската, но ја застапуваше и државната енергетска компанија.

Беше бранител и адвокат на обвинет во судскиот процес за 27-ми април. Довербата на Мицкоски, партијата и јавноста ја “купи” во техничкиот мандат. Почна со итна постапка за решавање на пасошката криза која се уште трае и ќе му биде предизвик покрај најавената битка со корупција.

-Верувам во неговиот потенцијал и капацитет за остварување на резултати во борбата против корупцијата и криминалот и обезбедувањето на ред и поредок, рече Мицкоски за Тошковски.

Сите 4 потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ се селат во влада. Покрај Мисајловски во одбрана, во ресорот надворешни работи и надворешна трговија ќе замине досегашниот градоначалник на Аеродром. Покрај критиките на општинската опозиција за брзото усвојување на контроверзниот ДУП во Лисиче спроти Џевахир и лошата комунална хигиена, Муцунски е унапреден во државната власт поради добрите релации со меѓународниот фактор.

-Актуелен професор на Правниот факултет, но и градоначалник на општина Аеродром. Поранешен пратеник и заменик министер за информатичко општество и администрација. Муцунски има богато искуство на меѓународните односи, бил меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, негова задача ќе биде промоција на стратешките цели на Македонија на меѓународен план, како и привлекување на инвестиции и поврзување на македонските компании со потенцијални партнери и зголемување на надворешната трговија, изјави мандатарот Мицкоски за предложениот шеф на дипломатијата.

За Александар Николоски се подготвени две функции, потпретседателска во влада и министер за транспорт. Му се падна задачата да го доправи и пушти митскиот автопат кој Кинезите го градат со кинески кредити, а води кон неговиот роден град, но и проектот со Бехтел&Енка.

-Тој на оваа позиција доаѓа со голема амбициозна задача за реализација на многу проекти кои што се од стратешко значење за државата, патно и инфраструктурно поврзување. Верувам во неговата посветеност и способност, соопшти Мицкоски.

Една од ретките жени во владата е партиската потпретседателка Гордана Кочоска која ќе се грижи за ресорот финансии и за државната каса. Ќе ја продолжи соработката со партискиот лидер започната во Електрани, а прво ќе треба да крои ребаланс и за трошоците на новите министерства, но и за ветеното линеарно пензионерско покачување од 5.000 денари кога третина од Фондот за ПИОМ се уште се полни со буџетски пари на граѓаните за да има доволно за пензии.

-Човек со големо искуство од областа на финансиите, макроекономското работење. Која е мој соработник уште во периодот кога заедно работевме во ЕЛЕМ и која сум убеден дека ќе работи чесно и посветено, со многу енергија и голем професионализам, наведе Мицкоски.

Во владата ќе има само три министерки и сите ќе бидат од ВМРО:ДПМНЕ. Родовата рамноправносг засега има слаба позиција во  кабинетот на Мицкоски, а во таа графа е уште една блиска соработничка на мандатарот од партискиот штаб.

-Предлог министер за енергетика, рударство и минерални суровини ќе биде Сања Божиновска која е актуелен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, инаку експерт во енергетиката,  има огромно работно искуство во најголемите компании од пазарот на енергетиката и економските системи, изјави Мицкоски.

Божиновска ќе го води новоформираното министерство со големи надлежности и големи очекувања, со најавена прва енергетска инвестиција во соларна енергија во источна Македонија. Но, тоа министерство се уште нема ниту адреса ниту буџет.

За разлика од неа, на позната адреса, со многу вработени и голем буџет, доаѓа третата дама во владата, универзитетската професорка Весна Јаневска, која едно време беше и претседателка на друга партија, ВМРО-Народна, но се врати во Белата палата и со сериозни критики на сметка на Јетон Шакири, од вистински министер во сенка, сега е промовирана во министерка за образование и наука.

-За министер за образование и наука ќе биде предложена професорката Весна Јаневска, која има богата научна кариера, политички ангажмани и досега успешно ја водеше Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.

Образованието е важно, ветувањето е дека учебниците ќе стигаат на време, но ќе треба да се преговара и за намалување на нивните огромни цени кои со децении се плаќаат од буџетот и од парите на граѓаните. Дополнително ќе треба и борба за повеќе пари во науката и истражувањата.

Борба со одбрана на голот беше професијата на екс ракометарот Борко Ристовски. Сега како политичар ќе треба да го води новото министерство за спорт. За Олимпијадата во Париз можеби е доцна, но ќе мора да најде решение за финансирање на спортистите откако ваучерскиот систем донесе обвиненија за претходниците, а не донесе успех на спортските терени.

-Познат ракометар, со домашни и меѓународни успеси, човек кој гордо и достоинствено ја преставува Македонија како на репрезентативен така и на клубски план и сега ќе има можност лично да придонесува за развојот на македонскиот спорт, се надежите на мандатарот.

Во култура како министер доаѓа актерот Зоран Љутков, со серија театарски и филмски улоги, многу познат меѓу најмладите како Комшо, лик од детската серија ПЕТ+, но и политички реализиран како претседавач на Советот на општина Велес. Дополнително во Министерството му влегува и туризмот.

-Има блескава актерска кариера и врвни достигнувања во светот на културата и се надевам на сериозен ангажман за промоција на културните вредности и поддршка за развој на туризмот. Да не ми се налутат другите, но спортот и културата се најголеми промотори на идентитетот на еден народ и држава. Така што како и од едниот (Ристовски) и од другиот (Љутков) и од сите останати очекувам многу работа, кажа Мицкоски.

По два технички мандати како заменик министер, Цветан Трипуноски сега ќе биде министер за земјоделство, шумарство о водостопанство. Проблеми многу, но и многу субвенции, а храната само поскапува. Некаде меѓу овие параметри, Трипуноски ќе треба да оди по тенка жица, за пример може да се земе решението за барањето на полоделците, цена од 30 денари за килограм пченица, а да не се предизвика ново зголемување на цената на лебот.

-Човек кој има огромно искуство и речиси целиот свој работен век го посвети на земјоделието, без многу зборови го промовираше кандидатот за министер чија главна грижа ќе биде храната, пред се од домашно производство.

Како изненадување е и предлогот Златко Перински да стане нов министер за локална самоуправа. Беше директор на скопски Водовод додека Данела Арсовска коалицираше со ВМРО-ДПМНЕ, но “раскинаа” јавно со караница кога градоначалничката му упадна на прошталната прес конференција. Судирот беше за изборот кој ќе ја гради пречистителната станица покрај Вардар, проект за кој има пари и избран понудувач, но нема ништо изградено за поубав живот на скопјани.

-Остваруваше во минатото повеќе државни и партиски функции. Во одреден период го водеше мојот кабинет, потоа беше директор на скопски Водовод каде за кус период оствари одлични резултати, а сега ќе ја има задачата за поддршка и развој на локалната самоуправа во државата, ја откри Мицкоски, кратката биографија и на Перински, уште еден министер од кругот на негови најблиски соработници.

Во владата има три позиции за коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ. Со двајца стари партнери, владата на Мицкоски враќа министри односно членови на влада надвор од етничкото двојство кога во кабинетите на Заев и Ковачевски имаше само министри Македонци и Албанци.

-Иван Стоилковиќ претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија ќе биде исто така предлог за заменик претседател на владата и министер кој ќе биде раководи со ресорот задолжен за односите меѓу заедниците,  Шабан Салиу кој ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декада на Роми, изјави Мицкоски.

Долго и верно е и партнерството на ВМРО-ДПМНЕ и Социјалистичката партија без разлика кој ги води двете партии и без разлика дали се во власт или во опозиција.

-Претседателот на  Социјалистичката партија Љупчо Димовски ќе биде нов заменик претседател на владата и министер одговорен за политички систем, рече Мицкоски.

Сите тројца коалициони партнери имаат голем стаж во владеењето на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Димовски беше министер за земјоделие во времето кога се најавуваа проектите на Субрата Рој, контроверзниот индиски милијардер. Беше опфатен и со две истраги, една во СЈО, втората за 27-ми април.

Стоилковиќ е пратеник со стаж од 2002-ра година, има силни врски со српскиот претседател Вучиќ, но често патуваше и во Москва. Шабан Салиу пак докторираше во Белград додека речиси цела деценија ја водеше Дирекцијата за заштита и спасување.

Последен на листата со најдолго лидерско претставување од Мицкоски, е кандидатот за министер за информатичко општество и дигитална трансформација. Стефан Андоновски беше дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација, но сега остана само за дигиталниот дел кој се смета за антикорупциски.

Ќе има задача да ги реализира, тоа се важни и суштински проекти со кои ќе имаме за цел нулта толеранција на криминалот и корупцијата, зголемување на транспарентноста и нешто што ќе биде мој фокус во годините кои следат да не ни се случува како до сега за неколку стотина денари да не се вади, извод од матична книга на родени. Нашите граѓани денес сведочат на такви олеснувачи кои  се јавуваат од името на луѓето кои работат таму и за волја на вистината тие луѓе се успешни, дури и мои блиски луѓе таму тестираа. Јас бев изненаден колку брзо ги добија тие документи иако им беше кажано со месеци да чекаат. Зборувам за сума од максимум 500 денари, ете, толку чини срамот на тие луѓе, а за жал тоа е и срамот на цела Македонија, истакна Мицкоски пример за ситна корупција која според него ќе биде цел на Андоновски.

Гласањето за избор на Владата треба да се случи наредниот викенд.

Миомир Серафиновиќ

Мицкоски очекува сите партии во Собранието да ги гласаат измените на Законот за локална самоуправа

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Боцевски во „Топ тема“: Принципот „100 дена“ е од времето кога веста за избор на влада патувала со коњ

Дејан Дејан

Муслиу во „Топ тема“: Видов ентузијазам и енергија кај премиерот, се надевам нема да ги загуби, има промена и во пристапот кон странските инвестиции

Дејан Дејан

Боцевски во „Топ тема“: Македонија повторно е на мапата на развојот, се враќаат инвестициите по седум години пауза

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе