Високите температури, но и променливото време се причина за зголемен број на прегледи во изминативе три недели на Неврологија,на одделот за интензивно лекување и нега во ГОБ „8 септември“. Зголемен е бројот на пациенти со акутен исхемичен мозочен удар, мозочни тромби, проблеми во мозочната циркулација, но и мозочни крвавења.
- Генерално доминираат повозрасна група на пациенти од 75 години до 91 , 92 . Во однос на клиничката слика тоа се потешки клинички манифестации со одземеност на едната половина на телото, со неможност за спонтано говорење и разбирање на туѓиот говор како и нарушување на свеста- д-р Илија Здравков, невролог.
Честите дехидрирања и неосетно губење на течности од организмот и многу други фактори прават еден мозаик кој го зголемуваат бројот на мозочни удари, вели доктор Здравков.
- Промената на времето делува надразнувачки на мозочното ткиво, па така сите невролошки пациенти, не само пациентите со епилепсија, туку и пациентите со Алцхајмерова деменција, со Паркинсонова болест можат и очекувано е да бележат влошување на текот на клиничката слика. Токму затоа остануваат истите препораки за внимателно изложување на сонце, со тоа што некои експерти сметаат дека границата треба да се намали од 10 часот до 18 часот да нема излегување и директно изложување на сонце, освен ако не е неопходно- д-р Илија Здравков, невролог.
Зголемен број на повици бележи и Итната медицинска помош во изминативе неколку дена, поради наглите промени во покачување на атмосферската температура.
- Човечкиот организам реагира на тие промени посебно кај осетливите и хронично болните, за жал сега и кај помладата генерација и со промена на артерискиот притисок резултат е што настануваат овие церебро- васкуларни инсулти- изјави д-р Марина Сотировска, Итна медицинска помош.
Лекарите со апел граѓаните да ги почитуваат препораките. Самата климатизација во затворен простор и во автомобилите да биде умерена за да не дојде до температурни шокови.
Нина Стефанова