Идниот викенд Собранието ќе гласа за избор на новата влада, предводена од Христијан Мицкоски, а веќе во понеделник, на 24 јуни, новите министри ќе седнат во фотелјите на „Илинденска“, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.
За да се избегнат критиките од опозицијата дека пратениците ќе немаат време да ја разгледаат владината програма и биографиите на министрите, одлучено е предлогот за нова влада да го достават до Собранието во вторник.
Движењето Беса на состанок едногласно ги избрало кандидатите за членови во новата Влада, кои треба да бидат избрани во Парламентот.
Фатмир Лимани да биде кандидат за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши за министер за економија и труд, додека Седат Сулејмани е кандидат за заменик-министер за култура и туризам, соопшти партијата на Биљал Касами која е дел од коалицијата „Вреди“.